Дали Микел Артета го пронајде последното парче од шампионскиот мозаик во Тајнсајд? Шпекулациите дека Арсенал е сериозно заинтересиран за Ентони Гордон подигнаа голема прашина во Англија, принудувајќи го менаџерот на Њукасл, Еди Хау, јавно да интервенира.
Хау: Нема време за гледање лево или десно
Иако самиот Гордон минатата недела ги нарече овие вести „чиста глупост“, притисокот од Лондон не стивнува. Еди Хау, свесен за минатогодишното болно искуство кога Александер Исак изнуди трансфер во Ливерпул за рекордни 125 милиони фунти, сега бара максимална професионалност од својот најдобар стрелец.„Не сум ја видел приказната, па ова е новост за мене. Но, се наоѓаме среде сезона, среде некои од најважните натпревари во неговата кариера. Ентони нема време да гледа лево или десно. Мора да биде целосно фокусиран само на она што е пред него – следниот натпревар и како да биде најдобар што може“, порача Хау.
Њукасл под опсада на гигантите
Гордон, кој сезонава постигна веќе 14 гола, не е единствениот на мета. Сандро Тонали и Тино Ливраменто исто така постојано се поврзуваат со заминување од клубот кој се обидува да го задржи својот проект на здрави нозе.
Хау смета дека медиумите го создаваат овој притисок, но верува во карактерот на своите играчи:
„Тоа е дел од модерниот фудбал. Прашањето е само како играчите ќе реагираат. Ако дозволат тоа да влијае на нив, тогаш е негативно, но мислам дека нашите момци се доволно силни за да го игнорираат тоа“.
Дали „топчиите“ подготвуваат мега-понуда?
Арсенал веќе подолго време бара засилување на крилните позиции кое ќе донесе директност и брзина, а Гордон со својот агресивен стил совршено се вклопува во визијата на Артета. Останува прашањето дали Њукасл, по продажбата на Исак, може да си дозволи губење на уште еден клучен играч, или пак парите од Лондон ќе бидат премногу добри за да се одбијат.



