Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повторно ја бранува фудбалската јавност со радикален предлог. По серијата инциденти поврзани со наводен расизам, првиот човек на светскиот фудбал смета дека судиите треба веднаш да ги исклучуваат играчите кои ја покриваат устата додека разговараат со противниците за време на конфликтни ситуации.
„Ако не криеш ништо, зошто ја покриваш устата?“
Поводот за оваа остра реакција е неодамнешниот инцидент во Лигата на шампионите меѓу крилото на Бенфика, Џанлука Престијани, и ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор. Престијани беше снимен како го крева дресот преку устата додека му дофрла на Винисиус, по што заработи суспензија од УЕФА поради сомнеж за расистички навреди.
Инфантино е дециден: судиите треба да тргнат од претпоставка дека играчот кажал нешто што не смее, штом почувствувал потреба да го сокрие говорот на усните од камерите.
„Ако играч ја покрие устата и каже нешто што има расистички контекст, тој очигледно мора да биде исклучен. Мора да постои претпоставка дека кажал нешто недозволено, инаку не би ја покривал устата. Тоа е многу едноставно – ако немате што да криете, не ја криете устата,“ изјави Инфантино.
FIFA President Gianni Infantino has told Sky News that footballers who cover their mouths in confrontations with rivals should be sent off on the presumption they are being offensive.
— Sky News (@SkyNews) March 1, 2026
🔗 https://t.co/i70Raj9Gpe pic.twitter.com/9GX9629H0e
Одлука пред Светското првенство?
Прашањето веќе беше разгледувано на состанокот на Меѓународниот борд на фудбалски асоцијации (ИФАБ) во Велс. Иако засега нема конечен договор, се најавува дека мерките би можеле да бидат официјализирани на Конгресот на ФИФА во Ванкувер на 30 април.
Целта на ФИФА е ова правило да стапи на сила навреме за претстојното Светско првенство ова лето. Сепак, дел од фудбалските функционери повикуваат на претпазливост, стравувајќи дека ваквата промена на правилата може да донесе неочекувани проблеми и престроги казни за ситуации кои не се секогаш поврзани со навреди.



