Само пред неколку недели, Ландо Норис беше „адвокат“ на новите Ф1 правила за 2026 година, порачувајќи му на Макс Верстапен дека може слободно да се пензионира ако не му се допаѓаат новите болиди. Но, по само еден официјален квалификациски викенд во Мелбурн, изгледа дека „розовите очила“ на Британецот се скршија, а тој звучи пофрустрирано дури и од самиот Верстапен.
Од „ова е забавно“ до „ова е депресивно“
За време на тестирањата во Бахреин, Норис изјавуваше дека ужива во новиот предизвик и дека возачите се платени „глупаво големи суми пари“ за да возат тоа што ќе им се даде. Тогаш го критикуваше Верстапен за неговите поплаки дека Ф1 станала „Формула Е на стероиди“, порачувајќи му дека ако не е среќен, никој не го принудува да остане во спортот. Денес, истиот тој Норис вели дека новите болиди се „најлошите во историјата“ и признава дека воопшто не ужива додека е зад воланот.
Хаосот со батеријата и „лифтањето“ среде правец
Она што Норис во февруари го нарекуваше „забавен предизвик“, денес го опишува како депресивно искуство. Наместо да ужива во забрзувањето, тој сега се жали дека мора да гледа во воланот на секои три секунди за да не остане без струја.
Најголемиот шок дојде од Оскар Пијастри, кој откри дека во одредени моменти болидите губат неверојатни 450 коњски сили бидејќи батеријата е празна. Тоа принудува на понижувачко „лифтање“ (тргање на ногата од гас) среде правците, што го прави искуството да изгледа повеќе како видео игра со технички пречки отколку како врвен моторспорт.
Лекција по понизност за светскиот шампион
Додека во февруари Норис велеше дека возачите не треба да се жалат бидејќи имаат шанса да го прошетаат светот возејќи брзи коли, во Мелбурн неговата реторика е сосема поинаква. „Сите знаат каде е проблемот, овој 50-50 сооднос меѓу струјата и горивото едноставно не функционира“, заклучи разочараниот Ландо.
Изгледа дека Макс Верстапен бил во право од самиот почеток, а Норис на потешкиот начин научи дека постои голема разлика меѓу теоријата на инженерите и суровата реалност на патеката „Алберт Парк“.



