Кој е виновен за термините од 14 часот? Вардар ја обвинува МТВ, чаршијата шепоти за заткулисни игри!

 

Објавено:

Македонскиот фудбал никако да избега од апсурдите. Откако најголемото дерби кое може да ја реши сезоната се одигра во четврток од 14:00 часот, револтот кај вистинските љубители на фудбалот не стивнува. Навивачите и вистинските поддржувачи се секогаш оние кои се наоѓаат на губитничката страна поради ваквите организациски фијаска.

Во обид да се објасни оваа ситуација и да се одбрани тајмингот на најважниот натпревар во сезоната, преку социјалните мрежи се огласи извршниот директор на ФК Вардар. Тој во својата објава директно ја посочи Македонската телевизија како единствен виновник за работните термини во делниците.

„Во најмала рака би било професионално и поштено, фудбалските коментатори на Македонската телевизија, во рамките на преносите, да и соопштат на јавноста дека причината за распоредот на натпреварите да се играат во делници и работни саати е исклучиво заради тоа што немаат доволен број репортажни коли. Чисто да сме на јасно, јавноста да не биде збунета и излажана. Вината не е ниту кај ФФМ, ниту кај клубовите,“ стои во објавата.

Некој можеби ќе каже дека е позитивна работа што ФФМ и Вардар се „на иста линија“ и имаат добра комуникација. Но, реалноста е дека јавноста константно реагира на оваа преголема блискост. Токму ваквото отворено бранење на федерацијата од страна на клубот само ги подгрева сомнежите кај фановите околу регуларноста на првенството.

Дербито загубено, а муабетите за Силекс се шират низ чаршијата

Резултатот од тој фамозен натпревар во четвртокот е веќе познат. Шкендија славеше со 0:1 во Скопје и ја стопи предноста на лидерот на само еден бод разлика (45 наспроти 44 бода).

Сега следува нов предизвик за Вардар, и тоа повторно во трагикомичен термин: понеделник (9-ти март) од 14:00 часот против тимот на Силекс во Кратово. И додека терминот сам по себе повторно ги фрустрира навивачите, чаршиските муабети одат еден чекор подалеку.

Низ фудбалските кулоари веќе наголемо се зборува за потенцијални договори кои наводно стигнуваат дури до премиерот на државата и сопственикот на Силекс. Според овие гласини, Кратовци „требало“ да му ја препуштат победата на Вардар за скопскиот тим да остане на врвот и да ја освои титулата.

Сакаме јасно да потенцираме дека ова не е официјален став на редакцијата на Спортска Станица, но до нас пристигнуваат премногу информации на оваа тема за тие да бидат целосно игнорирани.

Јавен повик до МТВ

Бидејќи вината за катастрофалните термини јавно е префрлена кон националниот сервис, нашата редакција го повикува Македонскиот радио-телевизиски сервис да се обрати со официјално соопштение по повод овие искази. Дали навистина недостигот на репортажни коли е единствената причина што македонскиот клупски фудбал се игра во време кога навивачите се на работа и на училиште, или проблемот е многу подлабок? Јавноста заслужува јасен одговор.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено