Новата 2026 сезона во Формула 1 започна со спектакуларна трка за Големата награда на Австралија. Џорџ Расел ја потврди одличната форма на Мерцедес и стигна до победата, предводејќи го тимот до двоен триумф (1-2), откако неговиот тимски колега, младиот Кими Антонели, заврши на сигурната втора позиција.
Стратешка грешка на Ферари ја реши пеколната битка
Трката започна фуриозно. Расел, кој стартуваше од пол-позицијата, го загуби водството од брзиот Шарл Леклер уште во првиот свијок. Следуваше фантастична битка на патеката во која двајцата возачи дури пет пати си ја разменија првата позиција во воведните кругови.
Клучниот момент кој го одлучи победникот се случи во деветтиот круг. Моторот во болидот на Исак Хаџар откажа, предизвикувајќи период на Виртуелно безбедносно возило (VSC). Мерцедес реагираше беспрекорно и веднаш го повика Расел во боксот по нови гуми, додека Ферари направи огромна стратешка грешка оставајќи ги Леклер и Луис Хамилтон на патеката. Ова му овозможи на Расел да изгради недостижна предност и рутински да ја заврши трката.
„Чувството е неверојатно. На почетокот имавме пеколна битка со Шарл и мило ми е што ја минав целната линија како прв. Долго време чекавме да имаме ваков моќен болид под нас,“ изјави Расел.
Задоволството не го криеше ниту шефот на тимот, Тото Волф, кој порача дека по долг и тежок период, Мерцедес конечно е подготвен повторно да се бори за светската титула.
Хамилтон зрачи со оптимизам: „Ние сме во самата битка!“
И покрај грешката на Ферари која најверојатно ги чинеше борба за победа, Луис Хамилтон ја заврши трката на четвртото место (на само шест десетинки зад третопласираниот Леклер) и понуди исклучително позитивен став. Седумкратниот светски шампион е убеден дека италијанскиот тим е на вистинскиот пат по тешката 2025 година.
„Немам измешани емоции, се чувствувам одлично. Завршивме трети и четврти, Мерцедес беше побрз од нас, но ние сме веднаш тука, во самата битка. Тимот заврши одлична работа и можеме да извлечеме многу позитивни работи од денеска. Да имаше уште некој круг, ќе го претекнев и Шарл, бидејќи имав одлично темпо,“ истакна Хамилтон.
Тој додаде дека иако имаат работа за целосно да го затворат јазот до Мерцедес (особено во брзината на еден круг во квалификациите), тоа воопшто не е невозможно со оглед на фактот што болидот на Ферари е подеднакво брз низ свијоците.
Формула 1 ни најави неверојатно возбудлива сезона во која Мерцедес и Ферари очигледно ќе водат главна збор за шампионскиот трофеј.



