Светот на фудбалот полека се подготвува за претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада, а спортскиот гигант Адидас дополнително ја подгреа атмосферата. На спектакуларен настан во Лос Анџелес, беа промовирани гостинските дресови на 25 репрезентации, со јасна тема – враќање во златните 90-ти години. Главниот хит на колекцијата е враќањето на култното „trefoil“ лого (трилистот), кое последен пат беше видено на светските собири во Италија во 1990 година.
Инаку, и Македонија започнува соработка со култниот спортски дрес, а нашите први Адидас дресови треба набрзо да бидат промовирани. Вчера претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ со една фотографија го наговести изгледот, а за тоа може да прочитате тука:
Елеганција за последното „танго“ на Меси
Бидејќи ова ќе биде последното Светско првенство за Лионел Меси, дресот на актуелниот шампион Аргентина веќе го привлече најголемото внимание. Новиот гостински изглед на „гаучосите“ е вистинско уметничко дело – доминира црна основа со впечатливи сини цветни мотиви кои го симболизираат растот и националниот идентитет. Без разлика на крајниот резултат на Аргентина, овој дизајн дефинитивно ќе влезе во историјата како еден од најуникатните што ги носел Меси.
Од друга страна, домаќинот Мексико доби дрес во сива и бела комбинација, инспириран од традиционалните „грекас“ мотиви кои се среќаваат во мексиканската архитектура и уметност. Со црвено-црни детали на јаката, овој дрес претставува совршен спој на античката култура и модерната спортска технологија.
Италијански стил и Боб Марли како инспирација
Иако Италија допрва треба да се избори за своето место преку европскиот бараж против Северна Ирска, Адидас веќе го подготви нивниот „костум“. Дресот на „азурите“ е светло-син со бели детали, инспириран од елегантните палта кои фудбалерите ги носат на официјалните настани. Како потсетник на нивните четири светски титули, во дизајнот се вметнати и суптилни златни нијанси на јаката.
Вистинско освежување е и дресот на Јамајка, кој е веќе пуштен во продажба, а е директно инспириран од легендата Боб Марли. Јамајканците се надеваат дека преку меѓуконтиненталниот бараж против Нова Каледонија и евентуално ДР Конго, конечно ќе добијат шанса да го покажат овој колоритен дизајн на најголемата светска сцена.
Еден од најуникатните гостински дресови го добија нашите ривали од групната фаза. „Црвените ѓаволи“ од Белгија ќе бидат облечени во смел светло син дизајн со розови детали.
Што се однесува на последниот дрес на нивната домашна репрезентација, Адидас се одлучија овој пат во гостинскиот дрес да вметнат носталгични детали, како написите дека тие се партнери на германската репрезентација од 1954 година. Основата е темно сина, а се провлекуваат детали и во светла сина боја. Ова ќе биде последниот дрес од долгогодишната соработка, која после повеќе од 70 години ќе биде прекината во корист на поголемата финансиска понуда од Најк, одлука која предизвика огромни контраверзии во германската јавност.
Покрај светските гиганти, вниманието на љубителите на фудбалската мода дефинитивно го украде и новиот гостински дрес на Курасао. Овој дрес, кој е и нашиот личен фаворит од колекцијата, е вистинско славење на локалната култура, инспириран од колоритните и легендарни фасади на Пунда и Отробанда во главниот град Вилемстад.
Со впечатливи нијанси кои потсетуваат на најпрепознатливите делови од островот, Адидас создаде дрес кој не е само спортска опрема, туку и подвижна разгледница. Курасао се надева дека токму во овој нов дизајн ќе ја испише својата најубава фудбалска историја во квалификациите за Мундијалот во 2026 година.
Светското првенство започнува на 11 јуни со дуелот меѓу Мексико и Јужна Африка на легендарниот стадион „Ацтека“.



