(Видео) Барса со „минималец“ до +7: Каталонците соборија рекорд стар една деценија!

 

Објавено:

Фудбалерите на Барселона заминуваат на последната репрезентативна пауза во сезоната со предност од седум бода на врвот во Ла Лига. Во натпревар кој беше многу потежок отколку што покажува конечниот резултат, тимот на Ханси Флик славеше над Рајо Ваљекано со 1-0, продолжувајќи ја совршената низа на домашен терен.

Клучниот момент на натпреварот се случи во 24-та минута. По одлично изведениот корнер на Жоао Кансело, Роналд Араухо највисоко скокна на далечната статива и со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата. За Барса ова беше 11-ти гол постигнат по корнер оваа сезона, што е убедливо најдобар учинок во целата лига.

Херојот Жоан Гарсија и историските 50 меча

Иако доминираа во поголемиот дел од мечот, Каталонците мораа да му се заблагодарат на својот голман Жоан Гарсија. Тој уште во првата минута спречи сигурен гол на Карлос Мартин, а во второто полувреме со брилијантна парада го сопре ударот со глава на Унаи Лопез. Рајо Ваљекано се закануваше до самиот крај, особено преку Пача Еспино во 83-та минута, но одбраната на Барса издржа.

Со овој гол, Барселона достигна неверојатен јубилеј – 50 последователни натпревари со постигнат гол во Ла Лига. Оваа низа, која започна во декември 2024 година, е втора најдолга во историјата на клубот, веднаш зад онаа од 63 меча во ерата на Гвардиола и Виланова. Во овие 50 натпревари, Барса постигна вкупно 150 голови.

Чекајќи го мадридското дерби

Барселона сега има 14 победи од 14 одиграни натпревари на домашен терен оваа сезона. Со овој триумф, притисокот е целосно врз Реал Мадрид, кој вечерва го игра големото градско дерби против Атлетико. По репрезентативната пауза, Барса ги очекува пеколен распоред и дури три пресметки со Атлетико Мадрид, една во првенството и две во четвртфиналето на Лигата на шампионите.



Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено