Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички, продолжува со екипирањето за новата натпреварувачка сезона. Најново име во „црвено-белото“ семејство е 20-годишниот младински репрезентативец на Македонија, Атанасиј Трајанов.
Од Партизан Водно Санс во „Градски парк“
Младиот кошаркар пристигнува во редовите на прволигашот по настапите за второлигашката екипа на Партизан Водно Санс. Со висина од точно два метри, Трајанов успешно ги покрива крилните позиции (3 и 4). Од клубот потенцираат дека станува збор за играч кој го краси исклучително борбена и корисна игра, што се очекува да донесе дополнителна енергија во ростерот.
Репрезентативно искуство и златен медал
Трајанов веќе има значајно искуство во националниот дрес и зад себе бележи забележителни настапи на меѓународната сцена. Тој беше важен дел од генерацијата која во 2024 година го освои златниот медал на Европското првенство (Дивизија Б) за играчи до 18 години, кое се одржа во Скопје. На тој шампионат, Трајанов во просек минуваше по 21 минута на паркетот, бележејќи учинок од 6,5 поени и 6,5 скока по натпревар.
Ова лето, новиот кошаркар на Работнички ја претставуваше државата и со селекцијата до 20 години, настапувајќи на Европското првенство (Дивизија Б) кое се одржа во Братислава.



