Сонот за нов, супермодерен стадион со капацитет од 100.000 седишта на Манчестер Јунајтед почна да се соочува со реалноста на комплексните градежни зафати. Иако првичниот план предвидуваше „црвените ѓаволи“ да се преселат во својот нов дом пред почетокот на сезоната 2030/31, најновите информации од клубот сугерираат дека овој рок е речиси невозможно да се исполни.
Колет Рош, извршната директорка за развој на новиот стадион, во последното обраќање појасни дека изградбата најверојатно нема да започне пред следната година, што автоматски го поместува датумот на отворање.
Проблемот со земјиштето: Од 50 до 400 милиони фунти!
Главната сопирачка за проектот вреден неверојатни 2 милијарди фунти е земјиштето западно од сегашниот „Олд Трафорд“. Таму моментално се наоѓа железнички терминал управуван од „Freightliner Ltd“, а преговорите за откуп се претворија во вистинска војна со бројки.
Јунајтед ја процени вредноста на земјиштето на околу 50 милиони фунти, додека сопствениците бараат астрономски 400 милиони. Оваа разлика доведе до застој во планирањето на амбициозниот „канопи“ покрив кој требаше да биде заштитен знак на новиот објект. Рош сепак останува оптимист дека „зад кулисите“ се прави голем напредок и дека наскоро ќе има позитивни вести за решавање на овој спор.

Пет години градба, но од кога?
Клубот појасни дека рокот од пет години за изградба е точен, но тој почнува да тече дури откако ќе се удрат темелите.
„Луѓето го разбраа тоа како стадионот да биде готов до 2030 година. Но, кај проект со ваква комплексност, потребни се една до две години само за подготовка, обезбедување на земјиштето, фондовите и дозволите. Тоа е делот на кој работиме во моментов“, појасни Рош.
Финансирање без државна помош
Иако долгот на Јунајтед моментално изнесува 777 милиони фунти, Сер Џим Ретклиф тврди дека проектот е „целосно остварлив“ преку заеми и приватни инвестиции. Клубот уште еднаш потврди дека нема да бара јавни пари од даночните обврзници за изградба на самиот стадион, туку само за околната инфраструктура и регенерација на целиот дистрикт Трафорд.
Во целиот процес е вклучен и градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам, како и Лорд Себастијан Коу, кои преку посебен комитет ќе треба да ги отстранат сите бирократски пречки за Манчестер Јунајтед конечно да го добие „Вембли на северот“.



