“Вембли на Северот”: Заглавен проектот за новиот стадион на Јунајтед

 

Објавено:

Манчестер Јунајтед го претстави како визија што ќе го промени северот на Англија. Нов фудбалски храм со капацитет од 100.000 гледачи, изграден на темелите на историјата, веднаш до легендарниот Олд Трафорд. “Вембли на Северот”, како што го нарече Сер Џим Ретклиф, човекот што со големи зборови и уште поголеми планови го зазеде кормилото на клубот.

Но додека скиците изгледаат како од научно-фантастичен свет, реалноста на терен е далеку посурова. Стадионот кој требаше да биде симбол на новата ера, моментално не може да излезе ни од фазата на подготвителни работи. Причината? Парче индустриско земјиште, денес железнички товарен терминал, кое претставува непремостлива пречка на патот кон футуристичкиот стадион.

Клубот веќе со месеци преговара со “Freightliner”, компанијата што управува со терминалот во Трафорд Парк. Јунајтед сака да ја откупи локацијата и таму да започне со изградба, но компанијата иако изразила подготвеност да го пресели терминалот, тие за истото побарале неверојатни 400 милиони фунти.

Извор: Foster + Partners/PA

Манчестер Јунајтед, пак, проценува дека локацијата вреди десетпати помалку, односно не повеќе од 40 до 50 милиони. И токму тука започнува пат-позицијата. “Ги имаат Јунајтед на колена”, рекол еден извор за “The Guardian”, сугерирајќи дека “Freightliner” нема апсолутно никаква причина да се откаже од својот финансиски џек-пот.

Ретклиф и тимот претставија амбициозен план во март, со помош на архитектонското студио “Foster + Partners”. Но и покрај впечатливите видеа и скици, клубот сè уште нема добиено градежна дозвола, нема обезбедено целосно право на земјиштето, а ни формално не ангажирал архитекти.

Првичниот план бил работите да започнат уште до крајот на оваа година, со петгодишна изградба што ќе кулминира до 2030 година. Но, без договор со “Freightliner” и без алтернатива, времето се претвора во најголемиот противник на Јунајтед.

Меѓу опциите се спомнува и можноста новоформираниот “Old Trafford Mayoral Development Corporation”, предводен од лорд Себастијан Коу, да издаде присилен откуп (compulsory purchase order). Но, таквата постапка сигурно ќе се соочи со правни предизвици и нови доцнења.

Друга можност е Јунајтед да ја зголеми понудата или да го редизајнира проектот така што спорната парцела ќе биде изоставена. Секој избор носи свои трошоци, свои последици и уште повеќе прашања од навивачите.

На форум со навивачите на крајот од јуни, клубот отворено призна дека преговорите со сопствениците на земјиштето би можеле да го одложат стартот на работите. Но во исто време, раководството продолжува да ветува дека проектот ќе се реализира, веднаш штом се обезбеди теренот и финансирањето.

Извор: Reuters

А, финансирањето е уште една болна точка. Целиот проект е проценет на 4.2 милијарди фунти, од кои новиот стадион би чинел најмалку 2 милијарди, а според некои извори дури и 3 милијарди, од кои само покривот сам по себе би чинел околу 300 милиони фунти.

Јунајтед инсистира дека нема да бара јавни пари. Сè ќе се финансира приватно. Но, како ќе се реализира визија од милијарди фунти кога не може да се договори ни купување на еден терминал?

Проектот ветува економски бум: над 92.000 работни места, 17.000 нови домови, 1.8 милиони дополнителни туристи и потенцијален ефект од 7.3 милијарди фунти годишно за британската економија. Но во моментов, тој ефект постои само во презентации и замислени извештаи.

“Вембли на Северот” беше замислен како симбол на иднината, но иднината на Манчестер Јунајтед, барем во овој аспект, моментално е заробена во минатото на индустриски пруги и недоговорени квадратни метри.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено