Фудбалот ретко кога ни приредува моменти на толкава искреност и ранливост, особено кога станува збор за „челичниот“ Диего Симеоне. Сепак, на вчерашната прес-конференција на Атлетико Мадрид, „Чоло“ ги тргна настрана тактиките и плановите за ЛШ, за низ солзи да му оддаде признание на човекот кој е симбол на неговата ера – Антоан Гризман.
Пред почетокот на прашањата, Симеоне побара збор за да му се обрати директно на својот најдобар фудбалер, во говор кој веднаш стана вирален во светот на спортот.
„Ти си она што му треба на денешното општество“
Симеоне, обидувајќи се да ги задржи солзите, зборуваше не само како тренер, туку и како голем фан на „Јорганџиите“.
„Сакав да ја искористам оваа прилика да ти се заблагодарам за целата твоја работа и за твојата понизност. Ти си восхитувачка личност за денешните млади луѓе, во општество на кое му требаат луѓе како тебе. Ти благодарам за твојата посветеност, за професионализмот и за тоа што знаеше да ја одвоиш нашата семејна врска од онаа на тренер и играч. Те гледам прво како фудбалер, а потоа како пријател. Те сакам многу“, изјави Симеоне.
Сепак, дури и во најемотивниот момент, „Чоло“ не излезе од својата кожа, завршувајќи со хумор кој ја отсликува дисциплината во Атлетико: „Јас сум твој тренер и знаеш – ако не трчаш утре, леташ надвор! Тоа е тоа“.
🚨🫂 Heartwarming moment between Simeone and Griezmann!
— Topskills Sports UK (@topskillsportuk) April 7, 2026
Diego Simeone opened up to Antoine Griezmann before the press conference:
“I consider you a friend, I care about you a lot.” 🫀
“If God wills it, we’re gonna play five more matches in the Champions League, so let’s enjoy… pic.twitter.com/PJtICO3lka
Гризман: Чоло ме однесе до ниво кое не можев ни да го замислам
Видливо трогнат од зборовите на својот ментор, Антоан Гризман возврати со иста мера. Французинот, кој со Атлетико сруши бројни рекорди, истакна дека неговиот успех е нераскинливо поврзан со вербата на Симеоне.
„За навистина да го отворам срцето, треба да бидам со сопругата и децата, а Чоло со неговото семејство. Но, благодарение на него, јас го достигнав нивото кое никогаш не можев ни да го замислам. На личен план, му се воодушевувам, го сакам… чест и привилегија е да играм за него“, изјави Гризман.
Решавачка фаза од сезоната
Овој момент на единство доаѓа во најважниот дел од сезоната. Атлетико го чекаат уште осум „финалиња“ во Ла Лига, финале во Купот на кралот и, како што посака Симеоне, уште пет натпревари во Лигата на шампионите (што би значело пласман во големото финале).
По вакво меѓусебно признание, јасно е дека „војниците“ на Симеоне, предводени од Гризман, ќе „гинат“ на теренот за да ја крунисаат оваа историска соработка со трофеј.



