Екипата на Шкендија продолжува со одличните игри во Првата македонска фудбалска лига, откако денеска на стадионот на ФФМ славеше убедлив триумф против Работнички со 0-3. Избраниците на Јетон Беќири доминираат во текот на сите 90 минути и заслужено ги однесоа бодовите во Тетово.
Брз старт и целосна контрола на гостите
Натпреварот започна идеално за тетовскиот тим, кој поведе уште во седмата минута. Акцијата започна од левата страна преку Вебстер, кој упати центаршут до Тамба, а тој веднаш го пронајде Красниќи. Иако неговиот прв удар заврши во гредата, Красниќи беше присебен и од одбиената топка ја затресе мрежата за 0-1.
Шкендија продолжи со нападите, а Љатифи во 24. минута за малку не го зголеми водството по еден силовит слободен удар од 30 метри кој заврши над гредата. Сепак, предноста беше удвоена во 37. минута. По една брза и течна акција, Тамба излезе очи во очи со голманот Ондоа и со рутинска завршница зголеми на 0-2, резултат со кој се замина на одмор.
Пропуштена шанса на „романтичарите“ и точка на мечот
На почетокот на вториот дел, Работнички имаше идеална прилика да се врати во натпреварот. По грешката на Гаје кој се лизна во опасната зона, резервистот Аритон Мехмеди се најде во одлична позиција, но голманот на Шкендија брзо се рехабилитираше и со одлична интервенција ја сочува својата мрежа.
Казната за промашувањето на домаќините пристигна во 71. минута. Тамба, кој беше еден од најдобрите поединци на теренот, одлично го проигра Љатифи, а овој со прецизен удар од околу 12 метри ги постави конечните 0-3.
Со овој триумф Шкендија останува во самиот врв на табелата и ја потврдува својата кандидатура за титулата, додека Работнички ќе мора да бара бодови за излез од резултатската криза во наредните кола.



