Фудбалскиот клуб Барселона не се помирува со вчерашниот пораз од Атлетико Мадрид (0-2) во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Клубот денеска со официјално соопштение потврди дека нивната правна служба поднела формална жалба до УЕФА, во која директно го обвинуваат судијата Иштван Ковач за непочитување на фудбалските правила и директно влијание врз резултатот.
Скандалот во 54-та минута: Ракомет во шеснаесеттникот?
Главниот фокус на жалбата е една бизарна и контроверзна ситуација која се случила во 54-та минута од натпреварот. Според тврдењата на Барселона, откако играта веќе била правилно рестартирана, еден фудбалер на Атлетико Мадрид ја зел топката со раце во сопствениот шеснаесеттник, а судијата не досудил пенал.
„Клубот смета дека оваа одлука, заедно со фрапантниот недостаток на интервенција од ВАР собата, претставува огромна грешка. Поради тоа, поднесовме барање за отворање истрага и пристап до комплетната аудио-комуникација меѓу судиите“, стои во соопштението на Каталонците.
Обвинувања за „двојни аршини“ во Европа
Барселона во својот допис до УЕФА не застана само на овој натпревар. Клубот изрази длабоко незадоволство од третманот во Лигата на шампионите во последните неколку сезони, тврдејќи дека се жртви на системски неправди.
„Сметаме дека ова не е првпат во поновата историја на Лигата на шампионите несфатливи судиски одлуки да имаат штетен ефект врз нашиот тим. Се создаваат јасни двојни аршини кои нè спречуваат да се натпреваруваме со другите клубови под еднакви услови“, децидни се од „Камп Ноу“.
Што бара Барселона?
Каталонскиот гигант бара официјално признавање на грешките и преземање соодветни мерки против официјалните лица. Иако е тешко да се поверува дека резултатот од првиот меч ќе биде променет, овој потег на Барселона е јасен притисок врз УЕФА пред реваншот во Мадрид следниот вторник. Тензијата меѓу двата шпански ривали достигна точка на вриење!



