Денеска со почеток во 15:30 часот, Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе биде домаќин на 102-то историско дерби помеѓу лутите градски ривали, Вардар и Работнички. Натпреварот од 27-то коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) доаѓа во момент кога и двете екипи се наоѓаат во дијаметрално спротивни, но подеднакво критични ситуации.
Интересно е да се потсетиме дека првата меѓусебна пресметка на овие два тима се одиграла далечната 1951 година во рамките на втората југословенска лига, кога дебармаалци славеле со 2:1. Овој резултат дури бил инспирација за познатиот македонски писател Васил Иљоски следната година да ја објави комедијата „Два спрема еден“. Денес, повеќе од 70 години подоцна, ривалството е сè уште живо, а влогот можеби никогаш не бил поголем.
Вардар во натпреварот влегува како лидер на табелата со 62 освоени бода по 26 одиграни кола. „Црвено-црните“ имаат само еден бод предност пред второпласираната Шкендија, што значи дека трите бода се апсолутен императив во трката за шампионската титула. Тимот мора да остане фокусиран исклучиво на теренот, и покрај познатите турбуленции и нарушените односи на релација стручен штаб – раководство (предводено од ‘спортскиот’ директор).
Од другата страна на теренот, Работнички води грчевита битка за гол опстанок во елитата. По очајниот прв дел од сезоната, „Романтичарите“ значително ја поправија формата во пролетниот дел, забележувајќи пет победи на последните седум натпревари. Сепак, тие во дербито влегуваат по тешкиот пораз од Шкендија (0:3) и моментално се наоѓаат на 10-тото место со 25 бода, позиција која води во бараж за опстанок.
„Вардар е лидер и се бори за титулата, но и ние имаме своја цел, да обезбедиме опстанок. Ќе се бориме до последен атом на силите бидејќи секој бод за нас е исклучително важен. Верувам дека тимот психолошки се опорави по поразот од Шкендија, мотивацијата е на највисоко ниво и се надевам дека ќе оствариме позитивен резултат,“ изјави тренерот на Работнички, Муарем Муарем, пред денешниот дуел.
Иако Вардар е номинален домаќин на овој натпревар, предноста на домашниот терен практично не постои, бидејќи и фудбалерите на Работнички одлично го познаваат теренот на најголемиот македонски стадион и ќе се чувствуваат како дома.
Едно е сигурно, нè очекува неизвесна и борбена фудбалска претстава во која ниту еден од тимовите нема право на кикс.



