Кризата во редовите на Реал Мадрид се продлабочува. „Кралскиот клуб“ синоќа на својот „Сантијаго Бернабеу“ одигра само 1:1 против екипата на Жирона во рамките на 31-то коло од шпанската Ла Лига, со што ја продолжи својата серија без победа на три натпревари во сите натпреварувања.
Овој резултат најверојатно означува и крај на надежите за одбрана на шампионската титула. Доколку лидерот Барселона денеска слави во градското дерби против Еспањол, ќе избега на недостижни девет бода предност на само седум кола до крајот на првенството.
Натпреварот започна со иницијатива на избраниците на Алваро Арбелоа, но ѕвезденото трио во нападот, Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Џуд Белингем никако не успеваше да пронајде пат до мрежата на одличниот голман Пауло Газанига. Статистиката покажува дека Реал упати дури 22 удари кон противничкиот гол (9 во рамките), но реализацијата повторно беше катастрофална.
Мразот конечно беше скршен во 51-та минута. Уругвајскиот мотор во средниот ред, Федерико Валверде, упати силен удар од далечина, а Газанига лошо интервенираше дозволувајќи топката да заврши во мрежата за водство од 1:0.
Сепак, радоста на домашните навивачи траеше само 11 минути. Во 62-та минута, поранешниот играч на Атлетико Мадрид, Томас Лемар, кој настапува како позајмен во Жирона, доби простор на работ од шеснаесеттникот и со прецизен удар во долниот агол го совлада Андриј Лунин за 1:1.
До крајот на натпреварот, Реал Мадрид фрли сè напад, но без успех. Најголемата контроверза се случи во 87-та минута кога Мбапе падна во казнениот простор по контакт со Витор Реис. И покрај бурните реакции на играчите и стручниот штаб на Реал, главниот судија Алберола Рохас не досуди пенал, а ВАР собата остана нема.
Ова предизвика огромен гнев кај тренерот Арбелоа по натпреварот.
„Ова беше пенал тука и пенал на месечината! Тоа е што е, уште еден таков викенд за нас. Ниту јас, ниту било кој друг не го разбира ВАР системот. Претпоставувам дека се користи само кога им одговара,“ луто изјави Арбелоа, чие тренерско столче сериозно се тресе по серијата слаби резултати (пораз од Мајорка, пораз од Баерн Минхен во ЛШ и сега реми со Жирона).
Следен предизвик за разнишаниот Реал Мадрид е реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Баерн Минхен на „Алијанц Арената“, каде „Кралевите“ патуваат со негатива од 1:2.



