Фудбалерите на Силекс ја продолжуваат одличната пролетна форма во Првата македонска фудбалска лига. Во натпреварот од 27-то коло одигран денеска во Кратово, избраниците на тренерот Александар Васоски заслужено славеа над екипата на Башкими 1947 со минимални 1:0.
Ова е трета победа по ред за кратовци, со која дополнително се зацврстија на четвртата позиција на табелата и ја продолжуваат потерата по екипите од врвот.
Натпреварот во целост му припадна на домашниот тим кој доминираше во поседот на топката (63%) и создаде многу повеќе шанси, но долго време не успеваше да го пробие бедемот пред гостинскиот голман Јашар. Во првото полувреме, Силекс најмногу се закануваше преку расположениот Дарко Додев и Ади Алиќ, додека Башкими своите ретки шанси ги бараше преку брзи противнапади.
Иницијативата на Силекс продолжи и во вториот дел. Вистинска опсада кон голот на кумановскиот тим се случи во периодот помеѓу 50-тата и 65-тата минута. Во една одлична акција, ударот на нововлезениот Александар Мишов беше одбранет од Јашар, а одбиената топка силно ја зафати капитенот Анѓелески, но затресе само пречката.
Клучниот момент на натпреварот се случи во 67-тата минута. Ади Алиќ одлично избега по една длабинска топка и излезе сам пред гостинскиот голман, по што Есмин Личина стартуваше од зад грб во казнениот простор. Судијата Александар Урошевиќ без двоумење покажа на белата точка и му додели директен црвен картон на Личина.
По консултација со ВАР собата, одлуката беше потврдена, а одговорноста ја презеде Дарко Додев. Крилниот напаѓач на Силекс беше прецизен реализатор на пеналот во 68-тата минута, постигнувајќи го единствениот погодок на средбата кој значеше вредни три бода за домаќините.
До крајот на натпреварот, Силекс рутински ја задржа предноста со играч повеќе на теренот, не дозволувајќи му на Башкими да создаде сериозна закана.
Со оваа победа, Силекс стигна до 49 бода на четвртото место, додека Башкими останува шести со 37 бода. Во следното 28-мо коло, кратовци на домашен терен ја пречекуваат струмичка Брера, додека Башкими го очекува тежок дуел против актуелниот шампион Струга Трим Лум.



