Формула 1 е глобален спорт во кој се вртат милијарди долари, но непреченото одвивање на тркачките викенди во голема мера зависи од неплатена работна сила. Новото опсежно истражување објавено од Универзитетот на ФИА за првпат ја открива вистинската скала и финансиската вредност на овие волонтери, покажувајќи дека тие му носат бенефит на спортот од околу 15,5 милиони долари годишно.
Целосниот извештај насловен „FIA Formula One World Championship Volunteer Report“ можете да го погледнете на следниот линк: ТУКА.
Според анализата, потребни се во просек 838 волонтери (маршали со знамиња, набљудувачи, медицински персонал и тимови за извлекување) за да се организира само една трка во Ф1 шампионатот. Тоа значи дека во текот на една сезона се ангажираат повеќе од 20.000 поединци.
Трошоците на клубовите членки на ФИА за регрутирање, обука и логистика на оваа „волонтерска армија“ изнесуваат 12,9 милиони долари. Но, истражувањето покажува дека доколку Ф1 би морала да ангажира професионалци наместо волонтери, тоа би го чинело спортот дополнителни 15,5 милиони долари секоја година.
Огромната логистичка операција и зголемениот товар врз овие луѓе – кои често мораат да земаат неплатен одмор од своите редовни работни места и сами да си ги плаќаат патувањето и сместувањето за да помагаат на трките ја натера ФИА да размислува за иднината.
„Овие наоди јасно покажуваат дека континуираната извонредност на Ф1 шампионатот зависи од преминот од ‘ad-hoc’ потпирање на добрата волја на волонтерите, кон посистематски и попрофесионален модел на менаџирање,“ се наведува во извештајот.
ФИА веќе инвестира околу 400.000 долари годишно во програми за обука на идни официјални лица, а во план е и отворање на посветен Центар за извонредност. Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, истакна:
„Светскиот шампионат во Формула 1 се потпира на волонтерите. Тие се столбот на нашиот спорт, без нив едноставно не би можеле да се тркаме. Тие се грижат нашите натпреварувања да бидат безбедни и фер.“
Искуство кое не се купува со пари, но дали е фер? Во коментарите и реакциите на фановите ширум светот, мислењата се поделени. За многумина маршали, ова е најдоброто можно искуство бидејќи добиваат пристап до патеката кој дури и ВИП гостите со билети од 10.000 долари го немаат. Сепак, критичарите посочуваат на парадоксот: во спорт каде сопствениците како „Либерти Медиа“ генерираат профити од над 4 милијарди долари годишно, базичните трошоци за храна и сместување на овие клучни луѓе сè уште паѓаат на нивниот сопствен грб.



