„Ова е крај на етиката, ќе се борам за правдата!“ порача ѕвездата по скандалозното раскинување на договорот.
Откако спортската јавност беше шокирана од веста за ненадејното заминување на Џим Готфридсон од Пик Сегед, ситуацијата дополнително ескалира. Шведскиот репрезентативец, кој до неодамна беше еден од столбовите на унгарскиот гигант, реши јавно да проговори и да не дозволи ваквиот третман да мине без последици.
Готфридсон конечно ги откри деталите зад „мистериозното“ отстранување од тимот токму пред клучните дуели во Лигата на шампионите. Иако неговиот тим успеа да слави против Киелце и да се пласира во четврт-финалето, сенката на оваа одлука фрла сериозна дамка врз имиџот на клубот предводен од Мајкл Апелгрен. Клубот еднострано ја прекина соработката и покрај тоа што Готфридсон имаше потпишано тригодишен договор, што самиот ракометар го оцени како преседан.
„Ова се случи без никакво образложение или претходен дијалог, со грубо кршење на сите пишани и непишани правила во спортот што го сакам“, напиша Готфридсон на својот Инстаграм профил, не криејќи го разочарувањето од клубот каде што планираше да ја заврши кариерата. „Ова е местото каде што сакав да ставам крај на мојот професионален пат. Во овој фантастичен град ја гледав непосредната иднина на моето семејство. Моето разочарување е неописливо. Никогаш не можев да замислам дека клуб со таква репутација ќе ги игнорира етичките принципи и законските правила, и тоа од причини што сè уште не ми се познати.“
Поради ваквиот однос, Готфридсон веќе ангажираше правен тим. Неговата цел не е само обештетување, туку и поставување на нов стандард за заштита на сите идни генерации ракометари во Унгарија. „Го сметам потегот на клубот за нелегален и, заедно со мојот правен тим, ќе работам на тоа нешто слично никогаш повеќе да не му се случи на ниту еден ракометар во Унгарија“, дециден е Швеѓанецот.
Целиот ракометен свет сега го врти погледот кон 22 април, кога селекторот Апелгрен треба да го објави списокот за претстојните мечеви. Останува да видиме како овој судир на интереси ќе се одрази врз репрезентацијата на Шведска и дали скандалот ќе добие судска разрешница. Едно е сигурно, оваа сага дополнително ќе ја бранува ракометната јавност во наредниот период.
Гостинска статија на Марија Петровска



