Во Реал Мадрид веќе нема место за криење. По киксот против Џирона (1-1) и победата на Барселона, „кралевите“ заостануваат огромни девет бода зад својот најголем ривал на само седум кола до крајот. Според информациите на реномираниот „The Athletic“, во соблекувалната веќе постои општо прифаќање дека титулата во Ла Лига е загубена.
Тоа значи дека целата сезона, но и иднината на проектот на Алваро Арбелоа, зависи од еден единствен натпревар: реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Баерн Минхен во среда.
Ултиматум за Арбелоа и играчите
Поразот од 2-1 во првиот меч во Минхен го стави Реал во тешка позиција. Доколку Мадрид биде елиминиран, тоа ќе биде втора сезона по ред без голем трофеј, што во превод значи радикални одлуки во клубот. Извори блиски до тимот велат дека Арбелоа е убеден во пресврт, но пораката од „горе“ е јасна: „Сè е во рацете на играчите“. Евентуален неуспех веројатно ќе значи крај за Арбелоа на клупата и целосна ревизија на играчкиот кадар.

Случајот Мбапе: Пенал „до Месечината“ и три конци на лицето
Нервозата на „Бернабеу“ достигна точка на вриење по ремито со Џирона, каде навивачите со свирежи ги испратија Мбапе и Винициус. Сепак, најголемата контроверзија се случи во 89-та минута кога Килијан Мбапе доби силен лакт во лицето од Витор Реис.
Иако Французинот заврши со крваво лице и му беа потребни три конци, ВАР не реагираше. Арбелоа беше бесен по мечот: „Тоа беше пенал овде и на Месечината, но ВАР очигледно се користи само кога некому му одговара“. Мбапе веќе тренира и се очекува да го предводи нападот против Баерн.
Решена судбината на напаѓачите: Ендрик се враќа, Гарсија си оди
Додека се чека на расплетот во Европа, клубот веќе донел важни одлуки за следната сезона. Ендрик дефинитивно се враќа во Мадрид бидејќи, иако беше на позајмица во Лион, Реал успеал да го убеди 19-годишниот Бразилец дека е клучен за иднината и тој ќе биде дел од првиот тим.
Од друга страна, Гонзало Гарсија е ставен на продажба и покрај новиот договор до 2030 година; 22-годишниот напаѓач ќе биде продаден, веројатно со клаузула за откуп, следејќи го веќе познатиот пример на Нико Паз и Јакобо Рамон.
Камавинга или изненадување од академијата?
За мечот со Баерн, Арбелоа нема да може да смета на суспендираниот Чуамени. Најприродна замена е Едуардо Камавинга, кој јасно ставил до знаење дека позицијата „шестка“ му е омилена. Сепак, изворите велат дека Арбелоа размислува и за храбар потег – активирање на 18-годишниот бисер од академијата, Тиjаго Питарч, покрај стандардните Белингем, Валверде и Ѓулер.



