Аурелио Де Лаурентис, контроверзниот сопственик на Наполи, повторно ги поместува границите на фудбалската дебата. Во своето најново обраќање за „The Athletic“, тој го претстави својот „револуционерен“ концепт за спас на европскиот фудбал, кој предизвика лавина од реакции во јавноста.
Де Лаурентис предлага комплетно фудбалско ресетирање преку создавање на елитно натпреварување со 21 клуб од „петката“ на најсилните лиги, кое целосно би ги девалвирало сегашните национални шампионати.
Неговата визија предвидува квоти каде Италија би дала пет екипи, конкретно Интер, Јувентус, Милан, Наполи и Рома, додека Англија би учествувала со пет, Германија со четири, Шпанија со четири и Франција со три клуба. Според Италијанецот, ова е единствениот пат кон создавање фудбалски спектакл што ќе го задржи вниманието на модерната публика.
“I will reduce from 45 minutes each half to 25 minutes.”
— The Athletic | Football (@TheAthleticFC) April 14, 2026
Aurelio De Laurentiis, owner of Napoli, believes football will lose the younger generation.
But he has ideas. Lots of them, including no red and yellow cards and changing the rules so there are more goals… pic.twitter.com/qzlFkKdvvl
Сопственикот на Наполи не штедеше зборови ниту кога зборуваше за пренатрупаниот календар и малите екипи, тврдејќи дека фудбалот се гуши во квантитет на сметка на квалитетот. Тој прашува зошто би гледале натпревар меѓу гигант и клуб од град со 50.000 жители, кога пред телевизиските екрани има едвај 3.000 луѓе, заклучувајќи дека тоа не е производ, туку губење време.
Неговите идеи за промена на самата игра наликуваат на правила од друга планета. Тој предлага натпреварот да трае точно 50 минути со две полувремиња по 25 минути чиста игра и бара целосно збогување со жолтите и црвените картони, кои би се замениле со систем на привремени исклучувања за секој прекршок.
Дополнително, секој обид за глума на теренот би резултирал со моментално исфрлање од игра, додека за правилото за офсајд бара либерализација, односно крај на поништувањето на голови за милиметарски предности, со цел да се добие повеќе атракција и поголем број погодоци.
Де Лаурентис призна дека бил блиску до коалиција со Реал Мадрид и Флорентино Перез за време на првичниот проект „Суперлига“, но објасни дека љубовта пукнала поради моделот на затворен клуб со покани, на што тој жестоко се противи. Останува отворено прашањето дали ова е визионерски потег или само уште еден циркус на еден од најгласните фудбалски работници. Де Лаурентис фрли ракавица во лицето на УЕФА и традиционалистите, а фудбалскиот свет сега со нетрпение чека одговор.
Гостинска статија на Марија Петровска



