Поминаа само неколку дена откако медицинските прегледи ги потврдија најцрните прогнози за Хуго Екитике за скината Ахилова тетива, крај на сезоната и пропуштање на Светското првенство. Додека Ливерпул се подготвува за финишот на сезоната без својот најдобар стрелец, младиот Французин реши да им се обрати на фановите со порака која зрачи со болка, но и со неверојатна благодарност.
Екитике, кој стана миленик на Коп по неговите 17 гола во дебитантската сезона, призна дека му е тешко да го прифати овој удар на судбината токму во моментот кога требаше да го предводи нападот на „триколорите“ во Северна Америка.
„Тешко е, можеби дури и неправедно… но благодарен сум што ова ми се случува токму тука, меѓу вас. Не сум сам. Вашата сила и вашата љубов ќе бидат мојата движечка сила. Се гледаме повторно наскоро, Енфилд“, напиша тој на социјалните мрежи.
Долга рехабилитација и поддршка од тимот
Оваа порака доаѓа како одговор на илјадниците пораки со поддршка кои напаѓачот ги доби откако на носила го напушти теренот против ПСЖ. Арне Слот веќе истакна дека отсуството на Екитике е огромен хендикеп за неговиот систем, особено што соработката меѓу него, Исак и Виртц едвај успеавме да ја видиме на дело оваа пролет.
За Екитике сега започнува најтешкиот натпревар – патот кон закрепнувањето. Прогнозите велат дека тој нема да се врати на терените пред почетокот на следната календарска година, но неговата ментална сила и поврзаноста со „Енфилд“ ветуваат дека ќе се врати уште посилен.
Додека тој започнува со терапија, Ливерпул ќе мора да се потпре на Александар Исак во преостанатите шест кола од Премиер лигата, во обид да го осигура местото кое води во Лигата на шампионите.



