Овој пат не се шегуваме, време е за вистинските факти: Тимот на Микел Артета одигра цврсти 0-0 против Спортинг на „Емирати“, што по победата од 1-0 во Лисабон беше доволно за пласман во полуфиналето.
За првпат во својата историја, Арсенал успева да стигне до две последователни полуфиналиња во Лигата на шампионите, каде овојпат ги чека пресметка со Атлетико Мадрид.
Спортинг ги стресе „Емирати“, стативите го спасија Раја
Иако Арсенал ја имаше контролата на поседот, Спортинг беше тимот кој создаваше посериозни шанси. Португалците можат да жалат за шансите на Тринкао и Педро Гонкалвеш, но најблиску до гол беше Катамо, кој по еден волеј ја погоди стативата.
Нервозата на трибините беше видлива, особено по киксот на Давид Раја кој за малку ќе ги чинеше „Топчиите“ примен гол. Спортинг притискаше до самиот крај, а резервистот Жоао Симоеш во судиското продолжение за малку не ја испрати средбата во продолженија, но неговиот удар заврши покрај голот.
Нападот на Артета не „кликна“, повреда на Мадуеке
Микел Артета се одлучи за напаѓачко трио со Ѓокереш, Мадуеке и Мартинели, но како и на претходните натпревари, оваа комбинација не функционираше најдобро. Проблемите се зголемија кога Нони Мадуеке мораше предвреме да го напушти теренот поради повреда.
Ова е сериозен удар за Арсенал пред неделното дерби против Манчестер Сити, кое може директно да го одлучи патникот кон титулата во Премиер лигата.
Што понатаму?
Арсенал не блескаше, но во недела која ја започнаа со пораз од Борнмут, пласманот во полуфиналето на ЛШ е огромна инјекција на самодоверба. Сега сите погледи се насочени кон „Етихад“, каде „Топчиите“ ќе бараат одмазда и потврда дека оваа сезона се подготвени за големи трофеи.



