Денеска од 13:00 часот, на терените на Тренинг центарот „Петар Милошевски“, ќе се одигра натпреварот кој некогаш го делеше Скопје на два табора. Но, денешното „дерби“ меѓу Шкупи и Вардар е далеку од сјајот на минатото, а ова е пресметка меѓу тимот кој сака да се врати на лидерската позиција и тимот кој веќе со едната нога е во Втората лига.
За Вардар, овој натпревар е чиста математика. По победата на Шкендија вчера, притисокот е на страната на Вардарци кои мораат да победат за да го задржат приматот на табелата и да влезат во финалната фаза од првенството со предност.
Шкупи како „домаќин“ во домот на ФФМ
Тимот од Чаир поминува низ најтешката сезона во својата понова историја. Шкупи сè уште ја нема почувствувано сласта на победата оваа сезона, а дополнителен проблем е што своите домашни натпревари мора да ги игра надвор од својот стадион. ФФМ им излезе во пресрет, па денешниот меч ќе се игра во комплексот на федерацијата, што дополнително му ја одзема „жештината“ на ова градско соочување.
Виши: „Ќе играме со срце“, Вардар оди на нова „шестка“?
И покрај катастрофалната ситуација, тренерот на Шкупи, Алиса Виши, се обидува да внесе доза на оптимизам кај своите фудбалери, надевајќи се на чудо.
„Во овој натпревар влегуваме како во вистинско дерби – со срце и карактер. Момците ќе се борат до крај. Знаеме дека Вардар е фаворит, но ние точно знаеме како треба да играме против нив,“ изјави Виши.
Сепак, статистиката е немилосрдна. Последната пресметка заврши со убедливи 6-1 за Вардар, а тешко е да се верува дека Шкупи, кој е во серија порази, може да го сопре налетот на лидерот. Вардар доаѓа со полн состав и само една цел – брз гол и мирна завршница за нови три бода во трката за титулата.



