Фудбалерите на Олимпик Лион приредија вистинска сензација во 30-тото коло од француската Лига 1, откако на гостувањето во Париз го совладаа лидерот ПСЖ со 1:2. Со оваа победа, Лион не само што го забележа првиот триумф над парижаните од април 2023 година, туку и значително ја разгори битката за шампионската титула.
ПСЖ сега останува на првото место со 63 бодови, но со само еден бод предност пред второпласираниот Ленс (кој има натпревар повеќе), со што нивната меѓусебна пресметка следниот месец добива епски пропорции. Од друга страна, тимот на Пауло Фонсека со овие три бода се искачи на третата позиција (54 бодови), која води директно во Лигата на шампионите.
Ендрик и Мореира за молк во Париз
Луис Енрике одлучи да го ротира составот по напорниот натпревар во Лигата на шампионите против Ливерпул, но таа одлука му се удри од глава уште на самиот старт. Гостите доминираа во првите 20 минути, користејќи ја секоја пукнатина во неорганизираната одбрана на ПСЖ (особено по десната страна каде Хакими и Забарни беа целосно надиграни).
Шокот за домашните навивачи се случи во 6-тата минута. По едно лошо исфрлање, Афонсо Мореира успеа да ја протне топката до бразилскиот вундеркинд Ендрик (позајмен од Реал Мадрид), кој со прецизен удар од шеснаесетникот го матираше Сафонов за 0:1. Тоа беше негов четврти гол сезонава.
Само 12 минути подоцна (18′), нов контранапад на гостите. Овојпат Ендрик доби воздушен дуел на средината од теренот и веднаш го проигра Афонсо Мореира. Португалецот претрча половина терен, побегна од одбраната на ПСЖ и рутински реализираше за шокантни 0:2.
Промашен пенал, пречка и доцна утеха за ПСЖ
Работите можеа да се променат во 33-тата минута кога Мејтланд-Најлс невнимателно го собори Лукас Ернандез во казнетиот простор. Сепак, ударот на Гонсало Рамос од белата точка беше очаен, а извонредниот голман на Лион, Доминик Грајф (кој имаше фантастичен натпревар), лесно го одбрани.
Дополнителен проблем за ПСЖ беше повредата на клучниот играч за врска, Витиња, кој мораше да го напушти теренот кон крајот на првото полувреме поради незгоден доскок токму во акцијата пред вториот гол на Лион. Неговата состојба сериозно ги загрижува навивачите пред претстојниот двомеч со Баерн Минхен во Лигата на шампионите.
Во второто полувреме, ПСЖ целосно ја презеде контролата (23 удари наспроти 6 на Лион), особено по влегувањето на Дембеле, Кварацхелија и Ли Канг-ин. Дембеле ја погоди пречката од 20 метри, но цврстата одбрана на Лион, предводена од Муса Нијакате, одолеваше на сите напади.
Утешниот погодок за домашните стигна предоцна. Во 94-тата минута (90’+4), Хвича Кварацхелија постигна спектакуларен гол со удар од надвор од шеснаесетникот, поставувајќи ги конечните 1:2. Ова беше 14-ти лигашки гол за Грузиецот сезонава.
ПСЖ ќе мора брзо да ги консолидира редовите бидејќи битката за трофеите на двата фронта штотуку влегува во најкритичната фаза.



