Инфантино ги брани „солените“ цени: „Ние сме непрофитна организација, а пазарот е специфичен“

 

Објавено:

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, застана во одбрана на високите цени на билетите за претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, тврдејќи дека светската куќа на фудбалот само се прилагодува на „специфичниот пазар“ и дека секој заработен долар се враќа назад во фудбалот.

На економскиот самит на „Semafor“ во Вашингтон, Инфантино се обиде да ја смири јавноста по бројните поплаки од навивачките групи за „астрономските“ цени на влезниците, користејќи интересна реторика за да ја оправда стратегијата на ФИФА.

„Заработуваме еден месец, трошиме 47“

Инфантино ја потсети јавноста дека ФИФА е непрофитна организација и дека Светското првенство е нејзиниот единствен вистински извор на приход. „Светското првенство трае еден месец на секои четири години. Тоа значи дека генерираме пари во тој еден месец, а потоа ги трошиме во следните 47 месеци до наредниот Мундијал. Луѓето гледаат милијарди во приходи, но не знаат дека сите тие средства ги инвестираме во 211 земји членки. Три четвртини од нив не би можеле да организираат фудбал без нашите грантови“, изјави Инфантино.

Динамични цени и споредба со НФЛ

ФИФА за овој Мундијал воведе модел на „динамично одредување на цените“, што предизвика револт кај навивачите. Извештаите покажуваат дека во последната фаза од продажбата, билетите за дури 40 натпревари биле значително поскапи отколку во почетните фази. Сепак, Инфантино смета дека американскиот пазар е поинаков и дека навивачите таму се навикнати на високи цени.

„Пазарот во САД е многу специјален. Никој не се жали на цените кога оди на концерт или на НФЛ натпревар. Тоа е едноставно пазарот“, кратко одговори претседателот на ФИФА. Европските навивачки групи веќе поднесоа формална жалба до Европската комисија, обвинувајќи ја ФИФА за злоупотреба на монополската позиција.

Проблемот со визите и забраните за патување

Освен парите, голем проблем за Мундијалот 2026 се и рестриктивните политики за влез во САД. Откако Доналд Трамп се врати на власт во јануари 2025 година, воведени се низа забрани за патување кои ги погодуваат навивачите од земји како Сенегал, Брегот на Слоновата Коска, Иран и Хаити.

Инфантино уверува дека ФИФА е во постојан дијалог со американските власти. „Ќе се погрижиме сите тимови, играчи, функционери, па дури и навивачи да можат да дојдат. Го имаме ‘FIFA Pass’ системот за забрзано добивање визи кој работи добро, но работиме и на решенија за земјите кои имаат потешкотии со влезните дозволи“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено