Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, застана во одбрана на своите фудбалери по лавината критики од англиските стручњаци кои ја нарекоа прославата по победата над Арсенал (2-1) како „претерана“ и „предвремена“.
Додека навивачите на „Етихад“ развиваа транспаренти со натпис „Паника на улиците на Лондон“, а Ерлинг Халанд го фрлаше дресот во трибините, легенди како Вејн Руни и Дени Марфи јавно го искритикуваа таквиот потег, тврдејќи дека до крајот има уште многу и дека ваквото однесување може „да им се удри од глава“.

„Луѓето зборуваат глупости“
Гвардиола, во свој препознатлив стил, не штедеше зборови за да ги замолкне критичарите, нагласувајќи дека неговиот тим знаел колку е важен овој триумф за опстанок во трката за титулата.
„Кога слават, луѓето можат да зборуваат какви сакаат глупости. Слават затоа што ја знаат вредноста на противникот. Знаеја дека ако не победиме, тоа ќе значеше ‘чао, чао’. Како може да не слават? Прославувајте како сакате! Да чекаме до крајот на сезоната за да се радуваме? Ајде ве молам“, изјави револтираниот Гвардиола.
Тој додаде дека за Сити овој меч не бил обично дерби, туку натпревар кој имал тежина на финале.
„Што е поентата ако не го живеете моментот? Треба да славиме само еднаш ако победиме на крајот, а ако не победиме да плачеме цело време? На натпреварот со Арсенал моравме да се потиме и да крвариме за да победиме“.
Психолошка предност пред клучната среда
Победата на Сити значеше намалување на негативата во однос на Арсенал на само три бода. Доколку „граѓаните“ утре (среда) го совладаат Барнли на гости, тие официјално ќе избијат на врвот на табелата поради подобрата гол-разлика.
Иронично е што Арсенал на Микел Артета беше на врвот повеќе од 200 дена оваа сезона, додека Сити на лидерската позиција помина само шест дена. Сепак, психолошката предност е на страната на Пеп – неговиот тим веќе ги победи „топчиите“ во лигата и ги елиминираше од Лига купот минатиот месец.
Следниот предизвик за Сити е Барнли, тим кој се бори за опстанок и на кој му е потребна победа за да не испадне од лигата уште утревечер. За Гвардиола и неговите момци, тоа е уште едно „финале“ кое, ако го добијат, сигурно повторно ќе го прослават со своите навивачи.



