(Видео) Реал Мадрид го скрши отпорот на Алавес: Мбапе и Винисиус ја донесоа победата!

 

Објавено:

По елиминацијата од Лигата на шампионите и двата последователни кикса во домашното првенство, Реал Мадрид конечно им се врати на победите. Избраниците на Алваро Арбелоа славеа на „Сантијаго Бернабеу“ против Алавес со 2-1, триумф кој е исклучително важен за враќање на самодовербата во финишот на сезоната.

Со овие три бода, Реал ја намали негативата во однос на лидерот Барселона на шест бода, иако тимот на Ханси Флик има натпревар помалку кој го игра в среда против Селта Виго.

„Проектили“ од далечина на Мбапе и Винисиус

Реал Мадрид доминираше во текот на целиот натпревар, а отпорот на гостите беше скршен во 30-та минута. Килијан Мбапе упати прецизен удар од работ на шеснаесеттникот, кој со помош на еден од дефанзивците на Алавес, заврши зад грбот на Сивера за негов 24-ти гол во Ла Лига сезонава.

На почетокот на вториот дел (51. минута), Винисиус Јуниор ја удвои предноста. По асистенцијата на Валверде, Бразилецот испрати вистински „проектил“ во долниот агол од голот на гостите, не оставајќи му никаква шанса на противничкиот голман. Домаќините имаа неколку шанси и за трет гол, но ударот на Милитао заврши во пречката, додека обидот на Брахим Дијаз беше исфрлен од гол-линијата.

Драма во финишот и повреди

Иако Реал го контролираше мечот, Алавес не се предаде до самиот крај. Андриј Лунин имаше неколку клучни интервенции, а гостите двапати ја погодуваа рамката од голот. Конечните 2-1 ги постави Тони Мартинез во последната секунда од судиското продолжение.

Сепак, победата остави горчлив вкус поради повредата на Едер Милитао, кој мораше да го напушти теренот пред паузата по еден дуел во противничкиот шеснаесеттник, а на негово место влезе Ридигер.

Трка со времето за Арбелоа

За Алваро Арбелоа, овој триумф е „воздух“ во моменти кога неговата иднина на клупата е неизвесна. Реал Мадрид се соочува со опасност да ја заврши сезоната без трофеј (петти пат во овој век), па единствената надеж останува Ла Лига и претстојното „Ел Класико“ во мај, каде „кралевите“ ќе мора да бркаат победа против Барселона.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено