Победата на Барселона над Селта Виго (1:0) остана во целосна сенка на застрашувачката глетка од 40-тата минута. Откако го реализираше пеналот за водство, најголемиот бисер на светскиот фудбал, Ламин Јамал, веднаш се фати за задната ложа и со болна гримаса го напушти теренот.
Радоста поради враќањето на девет бода предност пред Реал Мадрид експресно се претвори во страв. Иако Барселона е на прагот од нова титула во Ла Лига, губењето на играчот кој сезонава бележи нестварни 16 голови и 11 асистенции во првенството е огромен удар за Ханси Флик.
„Се надеваме дека повредата нема да го оддалечи од терените предолго време. Мораме да ја почекаме точната дијагноза. Не е лесно, но мора да прифатиме. Штета е за него, како и за Кансело кој исто така се повреди,“ изјави Флик по натпреварот.
Светското првенство под знак прашалник?
Првичните и неофицијални информации од шпанските медиуми сугерираат делумно кинење на мускулот (задна ложа). Ваква повреда обично бара пауза од 4 до 6 недели.
Lamine Yamal's injury "looks like a torn hamstring" leaving the rest of his club season and the start of the World Cup in doubt, according to ESPN's Gemma Soler. pic.twitter.com/U9RegUJ0TN
— ESPN FC (@ESPNFC) April 22, 2026
Доколку ова се потврди на денешните детални прегледи, тоа значи дека сезоната за Јамал во дресот на Барселона е завршена. Тој дефинитивно би го пропуштил и претстојното „Ел Класико“ на 10-ти мај.
Но, многу поголема паника владее во таборот на шпанската репрезентација. Светското првенство во 2026 година започнува за само 50 дена. Шпанија го игра својот прв натпревар против Зеленортските Острови на 15-ти јуни. Дури и ако Јамал се опорави за пет недели, прашање е колку ќе биде физички подготвен да го издржи пеколното темпо на Мундијалот.
Соиграчот Педри се обиде да влее надеж:
„Се надевам дека ќе паузира само неколку недели. Му посакувам брзо закрепнување и сакам да му порачам да биде смирен, тој е млад и сигурно брзо ќе се врати во форма.“
Сите очи на фудбалската јавност денеска се вперени кон медицинскиот тим на Барселона, чекајќи ја конечната дијагноза за состојбата на 18-годишниот генијалец.



