Поразот од Манчестер Сити на „Турф Мур“ само го официјализираше она што навивачите на Барнли го претчувствуваа со месеци – клубот по трет пат во последните пет години испаѓа од Премиер лигата. Со само 20 освоени бода на четири кола до крајот, математички е невозможно да се стигне Вест Хем, па Барнли му се приклучи на Вулверхемптон како патник во Чемпионшип.
Прашањето кое ја мачи фудбалска Англија е: Како тим кој минатата сезона доминираше во втората лига со 100 бода и само 16 примени гола, успеа да стане „канта за полнење“ и да прими рекордни 68 голови во елитата?
Одбранбениот „бедем“ стана швајцарско сирење
Кога Скот Паркер го презеде кормилото од Винсент Компани, идејата беше јасна: крај на претерано отворениот фудбал и воведување на прагматичност. Паркер навистина изгради рекордна одбрана во Чемпионшип, но тој концепт целосно се распадна во Премиер лигата.
Барнли започна ветувачки со три победи во првите девет кола (над Сандерленд, Лидс и Вулвс), но оттогаш тимот влезе во црна дупка. Само една победа на последните 25 натпревари е шокантна статистика за клуб кој вложи сериозни средства во искусни играчи летово, обидувајќи се да не ја повтори грешката на Компани со премногу млади таленти.
Проклетството на Скот Паркер
За Скот Паркер (45), ова е уште една горчлива епизода во неговата менаџерска биографија. Тој се етаблираше како „гуру за промоции“, успевајќи да ги внесе во елитата Фулам, Борнмут и Барнли. Сепак, неговиот успех запира тука.
Паркер едноставно не успева да најде формула за опстанок – со Фулам и Барнли испадна веднаш по влезот, а со Борнмут доби отказ по понижувачкиот пораз од 9-0 кај Ливерпул. Неговата изјава по синоќешниот меч звучеше како дежа-ви:
„Завесата е спуштена. Не успеавме и потфрливме. Момците дадоа сè, но во одредени моменти ни недостасуваше потребниот квалитет за оваа лига. Како клуб, мораме да научиме од сопствените грешки“, изјави Паркер.

Што понатаму за „Кларетите“?
Навивачите на Барнли се поделени. Додека дел му замеруваат на Паркер за недостатокот на креативност и напаѓачки дух, други го вперуваат прстот кон сопствениците од „ALK Capital“ и Алан Пејс. Барнли стана класичен „јо-јо“ клуб кој лесно поминува низ Чемпионшип, но изгледа како страно тело во Премиер лигата.
Пред управата е тешка одлука – дали да му се довери нов мандат на Паркер за нов камбек, или е време за трет пат по ред да се менува филозофијата? Едно е сигурно, патот назад ќе биде пеколно тежок, бидејќи Чемпионшип следната сезона ветува дека ќе биде најконкурентен во последната деценија.




