ПЛ: Кои играчи стануваат слободни летово и кој ќе го „запали“ трансфер пазарот?

 

Објавено:

Се наоѓаме во финишот на сезоната 2025/26, а со тоа се отвора и едно од највозбудливите поглавја во фудбалот – трансфер пазарот на слободни агенти. Додека некои имиња како Хари Мегваер веќе ги продолжија договорите, листата на играчи кои можат да ја променат средината без ниту еден денар обештетување е застрашувачки квалитетна.

Од легенди кои заминуваат со полни витрини трофеи, до играчи кои бараат нов почеток по тешки повреди, ова е прегледот на фудбалерите од Премиер лигата на кои договорите им истекуваат за помалку од пет недели.

Арсенал

Микел Артета може да спие мирно. Единствениот играч со договор до јуни е естонскиот голман Карл Хеин (24). Тој сезоната ја помина на позајмица во Вердер Бремен, а со оглед на неговата споредна улога кај „топчиите“, веројатно ќе бара нова средина.

Астон Вила

Унаи Емери изгради стабилен проект во кој сите првотимци се „заклучени“ со договори барем до 2027 година. Иако имаше шпекулации за Рос Баркли, сепак тој има важечки договор за уште една сезона.

Борнмут

Големи промени на „Виталити“. Тренерот Андони Ираола заминува, а неговиот наследник Марко Розе ќе се соочи со тешка задача да го задржи Маркос Сенеси (28). Аргентинецот веќе одби три понуди за продолжување, а Јувентус веќе „чука на врата“. Голманот-ветеран Фрејзер Форстер (38) исто така станува слободен.

Брентфорд

Клубот има опции за едногодишно продолжување на клучниот дефанзивец Рико Хенри (28), како и на играчите од средниот ред Матијас Јенсен (30) и Џош Дасилва (27). Нивното останување ќе биде одлучувачко за амбициите за излез во Европа.

Брајтон

„Галебите“ губат огромно искуство. Џејмс Милнер (40), рекордерот по настапи во Премиер лигата, сè уште не одлучил дали ќе продолжи да игра. Адам Вебстер (31) и Џоел Велтман (34) се исто така пред излезна врата, додека Луис Данк (34) веќе активираше продолжување за уште една година.

Барнли

Пред испаѓање во Чемпионшип, Барнли може да остане без столбот на голот, Мартин Дубравка (37). Дефанзивецот Аксел Туанзебе (28) и ветеранот Ешли Барнс (36) исто така се блиску до статус на слободни агенти.

Челси

Благодарение на политиката на долгорочни договори на „BlueCo“, Челси е единствениот клуб кој летово нема ниту еден сениорски играч со договор кој истекува.

Кристал Палас

Со заминувањето на Оливер Гласнер, Палас ќе решава за Даичи Камада (29) и Џеферсон Лерма (31). И двајцата се стандардни, но нивните договори завршуваат среде Светското првенство. Натаниел Клајн (35) е веројатен патник од „Селхурст Парк“.

Евертон

Дејвид Мојс веројатно ќе го задржи Идриса Геи (36) за уште една сезона. Витали Миколенко (26) и Мајкл Кин (33) исто така имаат опции за продолжување, додека ерата на капитенот Шејмус Колман (37) по 17 сезони изгледа е при крај.

Фулам

Хари Вилсон (29) е „мета“ на големите клубови по фантастичната сезона со 10 гола. Марко Силва има опција да го задржи Рајан Сесењон (25), додека Раул Хименез (34) оди на Мундијал како слободен играч доколку не се договори претходно.

Извор: https://www.bbc.com (Getty Images)

Лидс Јунајтед

Даниел Фарке ќе мора да ја реши голманската позиција бидејќи договорите им истекуваат на сите тројца чувари на мрежата: Карл Дарлоу (35), Илан Мелие (26) и Алекс Кернс (33).

Ливерпул

Најголемата вест е заминувањето на Енди Робертсон (32). Шкотскиот бек, кој освои сè со „црвените“, е во напредни преговори со Тотенхем. Од друга страна, Ибрахима Конате (26) смири многу навивачи изјавувајќи дека нов договор е „многу блиску“.

Извор: https://www.liverpoolfc.com

Манчестер Сити

Крај на една ера. Капитенот Бернардо Силва (31) заминува по 18 освоени трофеи. Друг голем знак прашалник е Џон Стоунс (31), кој поради повреди падна во втор план кај Пеп Гвардиола и би можел да побара нов предизвик.

Манчестер Јунајтед

Бродот за Касемиро (34) изгледа веќе отплови, иако Бразилецот ја подигна формата во финишот. Тајрел Маласија и Џејдон Санчо (двајцата по 26 години) веројатно ќе бидат продадени или пуштени да заминат, откако Санчо не ја искористи шансата ни на позајмицата во Вила.

Њукасл Јунајтед

Киран Трипиер (35) веќе потврди дека си оди по четири успешни години. Искусниот Фабијан Шер (34) и Емил Крафт (31) се исто така на листата за можен бесплатен трансфер.

Извор: https://cominghomenewcastle.sbnation.com (Getty Images)

Тотенхем

Ив Бисума (29) и легендарниот Бен Дејвис (32) се во незивесност. Бисума имаше сезона полна со подеми и падови, додека Дејвис се опоравува од скршеница на зглобот и неговото останување зависи од плановите на клубот за следната сезона.

Вест Хем

Адама Траоре (30) има опција за продолжување, но неговата иднина е нејасна. Слично е и со Калум Вилсон (34), чиј гол против Тотенхем му ја „купи“ преостанатата сезона, но преговори за нов договор сè уште нема. Голманот Лукаш Фабијански (41) веројатно ќе стави крај на кариерата или ќе замине како слободен.

Вулверхемптон

По испаѓањето во Чемпионшип, единствена недовршена работа е Мат Доерти (34). По 330 настапи за „волците“, веројатно е време за разделба со легендата на клубот.

Европски пазар: Левандовски, Влаховиќ и „германска колонија“

Покрај Островот, и најголемите европски лиги нудат „капиталци“ на кои англиските клубови веќе им фрлија око:

Извор: https://x.com/FCBarcelona
  • Роберт Левандовски (37): Иако веќе е во поодминати години, Полјакот со преку 700 гола во кариерата сè уште е „машина“. Барселона уште калкулира дали ќе му понуди нов договор.
  • Душан Влаховиќ (26): Српскиот напаѓач со 90 гола во Серија А е во ќор-сокак со Јувентус. Преговорите за нов договор се во застој, а англиските великани само чекаат знак.
  • Германскиот тандем: Јулијан Брант (29) и официјално ја напушта Борусија Дортмунд по 300 настапи, додека Леон Горецка (31) ја завршува својата мисија во Баерн Минхен.
  • Поранешни ѕвезди на ПЛ: Алан Сент-Максиман (29) од Ленс, Фабињо (32) од Ал-Итихад и Антонио Рудигер (33) од Реал Мадрид (иако за него се шпекулира едногодишно продолжување) би можеле повторно да се вратат во Англија.
  • „Скриени“ бисери: Десниот бек на Селта, Оскар Мингеза (26) и левиот бек на Утрехт, Суфијан Ел Каруани (25) кој има неверојатни 16 асистенции сезонава, се идеални решенија за секој посериозен клуб.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено