Македонија ќе биде спаринг-партнер на Иран пред Мундијалот?

 

Објавено:

Во фудбалските кулоари деновиве кружат интересни информации кои, иако сè уште се во фаза на „чаршиски муабети“ и без официјална потврда од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), доаѓаат од прилично сериозни извори од Блискиот Исток.

Според иранските медиуми, меѓу кои и Tehran Times и PersianFootball, македонската фудбалска репрезентација би можела да одигра пријателски натпревар против Иран кон крајот на мај.

Иранците бараат силен европски тест

Иран интензивно се подготвува за настап на Светското првенство во 2026 година, каде ждрепката ги смести во предизвикувачката Група Г заедно со Белгија, Египет и Нов Зеланд. За да се подготват за пресметката со моќните Белгијци, стручниот штаб на Иран, предводен од селекторот Амир Галенои, наводно ја посочил токму Македонија како идеален спаринг-партнер кој негува цврст европски стил на игра.

Иранските медиуми со голема почит пишуваат за нашата репрезентација, потсетувајќи на нашата репутација на незгоден противник и историската победа над Италија, а посебен акцент ставаат на квалитетот на нашите лидери, како Елиф Елмас и Столе Димитриевски.

Подготовки во Турција?

Дека не се работи само за празна шпекулација потврдува и изјавата на Амир Мехди Алави, портпаролот на Фудбалската федерација на Иран. Тој за нивните медиуми изјавил дека планот е националниот тим на 20 мај да отпатува на подготовки во Турција. Токму таму се планира одигрување на пријателскиот натпревар против Македонија, како и уште еден контролен меч против Панама, пред иранската експедиција да замине во својата база во САД.

Засега, точниот датум и стадион не се дефинирани. Иако веста добива официјален карактер во Иран, кај нас сè уште се чека евентуална потврда. Додека ФФМ не се огласи, информацијата ја третираме со мала резерва, но каде што има чад, најчесто има и оган. Ваква контролна средба би била одлична проверка и за избраниците на Гоце Седлоски пред следните предизвици.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено