Додека фудбалскиот свет со нетрпение го очекува почетокот на Светското првенство 2026, цените на влезниците за финалниот натпревар достигнаа астрономски и речиси нереални суми. Иако официјалната продажба е во тек, секундарниот пазар на препродажба веќе ги урна сите рекорди. И таман мислевме дека ни се смачи од пишување за ненормалните цени за Мундијалот, на пазарот понудија билети од 2,2 милиони долари.
Финале од два милиони долари
Четири влезници од прва категорија за финалниот натпревар во САД се понудени на продажба за вртоглави 2.299.998,85 долари поединечно. Натпреварот треба да се одигра на 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, а овие карти се појавија токму на официјалната платформа на ФИФА за препродажба и размена. За споредба, други влезници во истата категорија и секција може да се купат за „скромни“ 16.098 долари.
ФИФА профитира од препродажбата
Иако светската куќа на фудбалот не ги контролира цените на влезниците кои се на листата за препродажба, што е легално според законите во САД и Канада, таа инкасира сериозен профит од овие трансакции. ФИФА зема провизија од 15 проценти и од купувачот и од продавачот. Тоа значи дека доколку само една од овие четири влезници биде продадена по наведената цена, ФИФА би заработила околу 600.000 долари.
Интересно е што за натпреварите во Мексико важат поинакви правила. Таму влезниците може да се препродаваат само по нивната номинална вредност или помала, без можност за дополнително зголемување на цената.
Инфантино се брани: „Специјален пазар“
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги бранеше високите цени, посочувајќи дека се работи за „многу специфичен пазар“. Тој исто така потсети дека ФИФА е непрофитна организација и дека сите приходи се реинвестираат во развојот на фудбалот во 211 земји ширум светот.
Сепак, навивачите веќе подолго време го изразуваат своето незадоволство поради високите цени, техничките проблеми при купувањето и воведувањето на нови категории како „Front Category 1“, кои многумина ги толкуваат како обид за дополнително извлекување пари од џебот на љубителите на фудбалот.



