Мадрид има нова владетелка. Марта Костјук е крунисана за шампионка на „Мутуа Мадрид Опен“ откако во големото финале ја совлада Мира Андреева со 6–3, 7–5. Со овој триумф во култната „Каха Махика“, Костјук ја заокружи најдобрата недела во својата кариера, прославувајќи ја победата со солзи во очите и атрактивно салто наназад на теренот „Маноло Сантана“.
Украинката моментално го преживува најплодниот период во својата професионална кариера. Ова е нејзин прв трофеј од серијата ВТА 1000, а доаѓа само две недели по нејзиниот триумф во Руан.
„Ми требаа многу години за да стигнам дотука, не се откажував и продолжив конзистентно да работам. Многу сум горда на вложениот труд. Пред една година мислев дека е невозможно да се победи овде во Мадрид, а сега го направив тоа“, изјави пресреќната Костјук по мечот.
Пат до титулата со само еден загубен сет
Турнирот на Костјук беше речиси беспрекорен. Таа загуби само еден сет во текот на целиот настан, и тоа во полуфиналето против Анастасија Потапова. По патот до трофејот, таа ги елиминираше Јулија Путинцева, Џесика Пегула, Кети Мекнали, Линда Носкова, Потапова и на крајот Андреева.
Со овој успех, Костјук стана првата украинска тенисерка која победила во Мадрид, како и првата тенисерка надвор од топ 10 која го кренала пехарот по Петра Квитова во 2011 година.
Драма во два сета и спасени сет-топки
Финалето беше дуел на двете најдобри „ритернерки“ во 2026 година. Костјук го контролираше првиот сет со агресивна игра од основната линија, доминирајќи со својот форхенд. Таа освои 50% од поените на втор сервис на противничката, што беше клучно за добивање на првиот сет со 6–3.
Вториот сет донесе многу повеќе возбудувања и серија брејкови. При резултат 5–4 за Андреева, шампионката мораше да спасува две сет-топки. Втората ја спаси со директен ас сервис, момент кој го промени текот на сетот. Веднаш потоа, Костјук направи нов брејк и сигурно сервираше за најважната победа во кариерата.
Најдобар рејтинг во кариерата
Оваа историска недела во Мадрид и претходните одлични резултати (финале во Бризбејн и титула во Руан) и овозможија на Костјук да го достигне својот најдобар пласман во кариерата. Од понеделник, 23-годишната Украинка ќе биде 15-та тенисерка во светот.
Иако поразена, 19-годишната Мира Андреева потврди дека Мадрид е еден од нејзините омилени турнири со веќе собрани 15 победи во кариерата во „Каха Махика“. Сепак, 2026 година припаѓа на „новиот украински бран“ и Марта Костјук.



