Манчестер Сити се спаси од пораз во последните секунди на гостувањето кај Евертон, а менаџерот Пеп Гвардиола веднаш по натпреварот испрати јасна порака до своите играчи и до Арсенал: битката за титулата во Премиер лигата сè уште трае. Иако Сити ја испушти контролата во вториот дел и сега заостанува пет бода зад лидерот, Гвардиола верува во карактерот на својот тим.
„Додека не е готово, не е готово“
Гвардиола беше задоволен од доминацијата во првото полувреме, но призна дека тимот потфрлил во клучните моменти по паузата.
„Бевме извонредни во првиот дел, создадовме многу шанси. Противникот беше многу затворен и физички силен.Во второто полувреме можеби не беше баш така, тие заиграа поангажирано, а ние ја немавме истата контрола. Ги подаривме головите, но успеавме да се вратиме. Го земаме овој бод и продолжуваме – додека не е готово, не е готово. Сега повеќе не зависи сè од нас, но има уште четири натпревари и ќе видиме што ќе се случи“, истакна шпанскиот стратег.
Тој додаде дека ремито е подобар исход од пораз и дека играчите дале сè од себе на секогаш тешкото гостување кај Евертон.
Доку: Среќен сум за головите, но болката останува
Херојот на Сити, Џереми Доку, кој со два гола донесе бод, призна дека тимот бил премногу „лабав“ и невнимателен во второто полувреме.
„Болно е во моментов. Знаевме дека ако не ги искористиме шансите во првиот дел, ќе биде тешко. Им ги подаривме двата гола со непотребни изгубени топки, но важно е што се боревме заедно до крај. Еден бод може да биде многу важен на крајот од сезоната“, изјави Доку.
Мојс жали за испуштената шанса
На спротивната страна, менаџерот на Евертон, Дејвид Мојс, имаше поделени чувства. Иако неговиот тим водеше со 3:1, лошата реакција при последниот гол на Доку го спречи големиот триумф.
„Кога водите со 3:1, размислувате само на победа. Се разочаравме себеси со начинот на кој го примивме вториот гол. Сепак, со оглед на тоа колку бевме надиграни во првиот дел, бод против Сити не е лош резултат“, изјави Мојс, пофалувајќи го двојниот стрелец Тиерно Бари кој влезе од клупата и ги реализираше своите шанси.

Тиерно Бари го исполни ветувањето дадено на тренингот
Стрелецот на двата гола за Евертон, Тиерно Бари, не го криеше своето задоволство од прикажаното против актуелниот шампион.
„Секогаш е задоволство да се игра против голем тим како Манчестер Сити. Пресреќен сум што влегов и постигнав два гола. Вчера на тренингот работевме токму на завршницата, а менаџерот ми рече: ‘Треба да постигнеш два или три гола до крајот на сезоната’. Денеска постигнав два и навистина сум среќен“, откри младиот напаѓач.
И покрај тоа што Евертон испушти победа, Бари најави дека тимот ќе продолжи да притиска за бодови во преостанатите три натпревари од шампионатот.



