Зголемениот интерес, силниот натпреварувачки дух и меѓународното учество го дефинираат годинашното издание, вели Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Традиционалната трка ХалкЕко Скопје Трча 10K, која годинава ќе се одржи на 10 мај со почеток во 9.00 часот на бул. „Илинден“ (во близина на фонтаната „Лотус“), повторно ќе ги обедини илјадниците учесници во единствена спортска и урбана атмосфера. Стартот и целта на трката ќе бидат на истата локација, а трасата ќе се одвива по бул. „Илинденска“ и дел од бул. „Партизански одреди“, нудејќи динамично и добро познато градско тркачко искуство.
Спортска Станица имаше можност да разговара со Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје, еден од клучните организатори на настанот, за новитетите и сè поголемото значење што оваа трка го има за заедницата. Под мотото „Скопје трча, Скопје расте“, настанот и оваа година ги поврзува спортот и урбаната енергија на градот.
Меѓународен интерес и рекордни пријави
ХалкЕко Скопје Трча 10К 2026 оваа година го потврдува својот статус како сериозен и релевантен атлетски настан со сè поизразен меѓународен карактер. Со затворени пријави и над 2.000 пријавени натпреварувачи, трката влегува во финалната фаза од подготовките со најава за висок квалитет на организација.
„Ова за нас е јасен показател дека трката расте во вистинска насока. Интересот од година во година се зголемува, а бројката од над 2.000 пријавени учесници зборува дека HalkEco Skopje Run 10K веќе има сериозно место на атлетската мапа“, вели Николовска. Таа потенцира дека на трката ќе настапат атлетичари од 16 земји, што дополнително го крева нивото на натпреварувачкиот аспект.

Светски стандарди со AIMS сертификат
Трката е официјално сертифицирана од AIMS (Association of International Marathons and Distance Races), што значи дека трасата е прецизно измерена и ги исполнува меѓународните стандарди. „AIMS сертификатот за нас е многу важен, затоа што гарантира квалитет на организацијата и сериозност во пристапот,“ објаснува Николовска.
И покрај силниот натпреварувачки сегмент, организаторите се трудат да ја задржат и урбаната, заедничка енергија што ја прави трката препознатлива за сите рекреативци.
Хумана димензија: „Срце чиста 10ка“
Во однос на соработката со eCrowd, Николовска нагласува дека хуманата димензија е воведена како дополнителна вредност преку иницијативата „Срце чиста 10ка“. Учесниците ќе имаат можност, доколку сакаат, да донираат средства, при што се нагласува дека тоа е личен избор и не е поврзано со самиот натпреварувачки процес. „Сакаме да покажеме дека спортот може да биде платформа за позитивни општествени вредности,“ вели таа.
Поддршка и организација
Организатор на настанот е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетските клубови „Скопски маратон“ и „Работнички“, со поддршка од Министерството за внатрешни работи. Насловен спонзор е Халк банка, а покровители се Министерството за спорт и Град Скопје.
На крајот, Николовска заклучува дека HalkEco Skopje Run 10K продолжува да ги обединува луѓето преку заедничката енергија и чувството дека сите се дел од нешто поголемо.



