Фудбалот во Италија уште еднаш покажа зошто е непредвидлив, а навивачите на Рома поминаа низ вистински емотивен ролеркостер на гостувањето кај Парма. Во натпревар кој траеше повеќе од сто минути, „волчицата“ успеа да извлече победа од 2-3 благодарение на ладнокрвноста на Дониел Мален, кој во 101. минута со гол од пенал ги донесе трите бода во Рим.
Натпреварот започна со иницијатива на гостите, а Мален го отвори резултатот во првото полувреме по одличната асистенција на Пауло Дибала. Рома пропушти шанси преку Суле за поубедливо водство, а казната стигна по паузата кога Стрефеца погоди за израмнување.
Вистинската драма настана во финишот: Парма направи целосен пресврт во 87. минута преку Мандела Кеита, фрлајќи ги домашните навивачи во транс. Сепак, избраниците на Гасперини не се предадоа. Во судиското продолжение, Ренш израмни на 2-2, а во последната секунда, по ВАР интервенција, беше досуден пенал и црвен картон за Бритши. Мален ја презеде одговорноста и ја погоди мрежата за големо славје и важни бодови во трката за Лигата на шампионите.
Комо пишува историја: Фабрегас обезбеди излез во Европа
Екипата на Комо и официјално ја завери својата карта за европската сцена следната сезона по минималната победа од 0-1 на гостувањето кај Верона. Човек на одлука беше грчкиот напаѓач Тасос Дувикас, кој во второто полувреме мајсторски искористи една грешка во одбраната на домаќините и со прецизен удар донесе огромна радост за својот тим.
Ова е историски момент за проектот предводен од Цеск Фабрегас. Со овој триумф, Комо не може да заврши подолу од шесттото место на табелата, што значи дека навивачите следната есен ќе гледаат натпревари во Конференциската лига како минимум. По децении чекање, малиот клуб покрај езерото се враќа на големата мапа, потврдувајќи го својот неверојатен подем оваа сезона.
Кремонезе не се предава: Варди ја врати надежта за опстанок
Искусниот Џејми Варди потсети на своите најдобри денови и со својот прв гол по неколкумесечна пауза го трасираше патот до убедливата победа на Кремонезе од 3-0 против Пиза. За „тигрите“ ова беше натпревар „да се биде или не“, а работата им беше олеснета откако гостите заработија два црвени картони.
Варди ја отвори серијата со прецизен удар со својата послаба лева нога, а подоцна му асистираше на Бонацоли за 2-0. Точка на натпреварот стави Окереке, со што Кремонезе се доближи на само еден бод до Лече во битката за опстанок.
Од друга страна, Фиорентина и Џенова одиграа мирољубиво реми без голови (0-0), резултат кој и на двете екипи им ја гарантира безбедноста во елитата, иако навивачите во Фиренца ги испратија своите играчи со свирежи поради бледото издание.



