Ноќта кога Џорџ Бест ја смени историјата: Приказна за првиот пенал-рулет во светот

 

Објавено:

Замислете ситуација: играте четвртфинале на Олимписки игри, давате сè од себе 120 минути, натпреварот завршува нерешено, а наместо да продолжите да се борите, судбината ја решава еден голем мексикански шешир. Токму тоа му се случи на Израел во 1968 година против Бугарија. Капитенот на Израел извлече ливче на кое пишуваше „не“ од едно големо сомбреро и неговиот тим беше елиминиран.

Тоа беше моментот кога на светот му стана јасно дека фудбалот има проблем. Системот беше „неморален, суров и недостоен“, како што тогаш напиша израелскиот функционер Јосеф Даган во својот предлог до ФИФА. Тој бараше вештината, а не среќата, да биде пресудна. Две години подоцна, на 5 август 1970 година, на стадионот „Бутфери Парк“ во Хал, историјата беше испишана засекогаш.

Извор: fb.com/Martin Smith

Вечерта кога се роди „пенал-рулетот“

Тоа топло летно попладне Хал Сити го пречека гигантот Манчестер Јунајтед во рамките на Ватни купот. На теренот беа легендите како Џорџ Бест, Боби Чарлтон и Денис Ло. По 1-1 во регуларниот дел и продолженијата, за првпат во официјален професионален натпревар, судијата не посегна по паричката. Наместо тоа, тој ја покажа белата точка.

Години подоцна, во интервју за Би-Би-Си, тогаш 11-годишниот навивач Мартин Кели, раскажува како се качувал на столче за да види подобро. „Замислете, Хал против Бест, Чарлтон и Ло. Тоа е како денес во ист тим да ги имате Меси, Роналдо и Мбапе“, се потсетува Кели.

Додека ги гледал играчите како се подготвуваат за првите официјални удари од 11 метри, тој не бил свесен дека присуствува на раѓањето на најголемата драма во спортот. Подоцна, Кели ќе се присети на тие моменти опишувајќи ги со еден збор: „Секој удар беше вистинска агонија“.

https://www.bbc.com

Првите херои и првите трагичари

Историјата сакаше Џорџ Бест да биде првиот човек кој некогаш извел и погодил пенал во серија. Со неговата препознатлива леснотија, тој ја прати топката во мрежата. Но, како што секоја драма има херој, така мора да има и некој кој ќе го почувствува горчливиот вкус на поразот.

Денис Ло, еден од најголемите напаѓачи на сите време, стана првиот човек кој некогаш промашил во пенал-серија. Неговиот низок удар го одбрани голманот на Хал, Иан Меккечни, кој пак стана првиот голман со одбранет пенал во историјата.

Но, судбината на Меккечни беше уште побизарна. Тој реши самиот да го изведе последниот, одлучувачки пенал за својот тим. И додека неговата мајка на трибините ги држеше рацете на очите, Меккечни шутираше силно… и ја погоди пречката. Тој стана првиот голман кој одбранил, но и првиот кој промашил пенал, со што му ја донесе победата на Јунајтед. Промашувањето го прогонувало до крајот на животот.

Од Хал до светските врвови

Она што започна во Хал како експеримент, набрзо стана стандард кој ги решаваше судбините на цели нации. Пред овој систем, натпреварите се преигрувале со денови или се решавале со фрлање паричка, како во случајот на Италија во 1968 година, која стигна до финалето на ЕП само благодарение на тоа што капитенот погодил „писмо или глава“. Светските првенства во 1994, 2006 и незаборавното финале во 2022 година беа решени токму преку оваа сурова, но возбудлива метода.

„Паненка“: Моментот кога фудбалот стана уметност и дрскост

Ако 1970 година беше раѓањето на пенал-сериите, тогаш 1976 година беше годината кога овој систем ја доби својата прва бесмртна икона. Местото на дејствието беше Белград, стадионот на Црвена Звезда, а влогот беше титулата европски шампион.

Во големото финале на Европското првенство се соочија моќната Западна Германија и аутсајдерот Чехословачка. По 120 минути борба, резултатот беше 2-2. За првпат во историјата, европскиот првак требаше да биде одреден преку пенали.

Додека целиот свет трепереше од неизвесност, еден човек беше сосема смирен. Антонин Паненка, мустаќливиот офанзивен играч за врска на Чехословачка, веќе две години ја подготвуваше својата „стапица“.

Паненка по тренинзите во неговиот клуб Бохемијанс останувал да вежба пенали со голманот Зденек Хрушка. Се обложувале во табличка чоколадо или во кригла пиво. Бидејќи Хрушка бил одличен голман, Паненка почнал да губи многу облози. Морал да смисли нешто ново.

„Сфатив дека голманите секогаш чекаат до последен момент и потоа се фрлаат во една страна за да ја покријат целта. Ако ја шутнам топката силно, а голманот ја погоди страната, ќе ја одбрани. Но, ако ја поткопам лесно по средината, тој веќе ќе биде во лет и нема да може да се врати“, се присетува подоцна Паненка.

Белградската ноќ и „лудилото“ против Мајер

Дојде петтата серија. Ули Хенес промаши за Германија, а Паненка имаше шанса да го донесе златото. Против него стоеше Сеп Мајер, тогаш најдобриот голман на светот. Цел стадион очекуваше силен удар, „проектил“ во аголот.

Наместо тоа, Паненка фати долг залет, го измами Мајер дека ќе шутира силно во лево, а потоа само нежно ја поткопа топката. Таа во висок, бавен лак летна по средината на голот и падна во мрежата додека Мајер веќе лежеше на тревата, немоќно набљудувајќи го падот на германската империја.

Пенал-рулетите денес

Денес, статистиката вели дека околу 24% од пеналите во сериите завршуваат со промашување. За навивачите, тие моменти се сè уште истата онаа „агонија“ што ја почувствува малиот Мартин Кели пред повеќе од шест децении. За играчите, тоа е најдолгиот пат во животот – оној од центарот на теренот до белата точка.

Пеналите можеби се „рулет“, но тие му го дадоа на фудбалот она што паричката никогаш не можеше: приказна за човечката храброст, за моментот кога еден поединец стои сам против целиот свет, и за емоциите кои нè потсетуваат зошто го сакаме овој спорт.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено