Салах побара итно враќање на „хеви-метал“ фудбалот во Ливерпул, соиграчите застанаа зад него!

 

Објавено:

Иако му преостанува уште само еден натпревар во дресот на Ливерпул, Мохамед Салах одлучи максимално да ја разбранува јавноста на „Енфилд“. По бруталниот пораз од Астон Вила (4-2) со кој пласманот во Лигата на шампионите сè уште виси во воздухот, египетскиот напаѓач преку социјалните мрежи испрати жестока порака која директно се толкува како сериозна критика кон менаџерот Арне Слот.

Салах, кој во март објави дека дефинитивно си оди од клубот летово (една година пред истекот на договорот), отворено побара Ливерпул да го врати својот препознатлив идентитет од ерата на Јирген Клоп – идентитет кој според него е целосно изгубен под водство на Холанѓанецот.

„Враќањето на нашиот страв и трепет не смее да биде предмет на преговори!“

Во својата емотивна, но исклучително остра објава, Салах се потсети на патот кој го помина клубот за да стане шампион, но не го сокри разочарувањето од актуелната ситуација и факт што тимот веќе нанижа неверојатни 19 порази оваа сезона.

„Сум сведочел како овој клуб помина од сомнеж до верба, и од верба до шампионски титули. Тоа бараше напорна работа и секогаш давав сè од себе. Нашето ‘распаѓање’ и уште еден пораз во оваа сезона се многу болни и тоа не е нешто што нашите навивачи го заслужуваат. Сакам да го видам Ливерпул како се враќа на оној ‘хеви-метал’ напаѓачки фудбал од кој противниците стравуваат, и назад на патеките каде се освојуваат трофеи“, напиша Салах.

Египќанецот, кој постигна 257 голови за клубот, додаде дека преодниот стил на игра не е она што го претставува Ливерпул.

„Тоа е фудбалот што јас знам да го играм и тоа е идентитетот кој мора да се врати и да се зачува засекогаш. Ова не смее да биде предмет на преговори и секој што доаѓа во клубот мора да се прилагоди на тоа. Да се победи по некој меч тука и таму не е она што треба да биде Ливерпул. Сите тимови победуваат натпревари“, додаде Салах, јасно алудирајќи на падот на критериумите под водство на Слот.

Бунт во соблекувалната? Соиграчите му дадоа отворена поддршка

Познато е дека односот меѓу Салах и Арне Слот е целосно скршен уште од декември минатата година, кога фудбалерот јавно го потврди тоа во едно интервју. По минатата шампионска сезона во која Салах постигна 29 голови, оваа сезона неговата форма драстично падна, постигнувајќи само 12 голови на 40 меча во сите натпреварувања.

Сепак, она што дополнително го вклучува алармот на „Енфилд“ е реакцијата на соблекувалната на неговиот статус. Неговите зборови беа јавно поддржани преку коментари и „лајкови“ од клучните играчи на тимот како Кертис Џонс, Хуго Екитике, Ендрју Робертсон, Рајан Гравенберх, Доминик Собослаи, Јереми Фримпонг и Ватару Ендо. Поддршка пристигна и од поранешните икони на Клоп, како Трент Александер-Арнолд, Џордан Хендерсон и Роберто Фирмино.

Робертсон, кој исто така си оди од клубот ова лето, напиша посебен статус кој ја потврдува кризата: „Оваа партија ја отсликува нашата сезона. Далеку сме, премногу далеку од нивото на овој клуб и она што оправдано го очекувате од нас“.

Слот се брани: „Ги потценувате повредите и трансфер пазарот“

И покрај огромниот притисок и незадоволството на навивачите кои предвреме го напуштија стадионот во Бирмингем, Арне Слот изјави дека има „секоја причина да верува“ дека ќе остане на менаџерската позиција и следната сезона. Тој смета дека јавноста ја потценува моменталната криза со повредени играчи.

„Мислам навивачите го потценуваат она што еден трансфер прозорец и еден нов почеток можат да го направат. Ние многу добро знаеме што треба да подобриме. Проблемот е очигледен – во моментов ни недостигаат дури девет фудбалери кои вообичаено се во стартниот состав или играа клучна улога во голем дел од сезоната. Кога на тоа ќе го додадете пазарот и фактот што дел од играчите ја играат дури втората сезона во Премиер лигата, работите автоматски ќе си дојдат на свое место“, се бранеше Слот.

Последната шанса на Салах да помогне на својот сакан клуб е следниот викенд против Брентфорд, каде Ливерпул мора да извојува победа за да си го зачува барем местото во Лигата на шампионите, што според зборовите на Египќанецот е „апсолутниот минимум за овој гигант“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено