Апсолутен хаос и нереални сцени го одбележаа натпреварот во бразилскиот шампионат меѓу Сантос и Коритиба (0-3). Главна тема во светските медиуми не е убедливиот пораз на домаќините, туку бизарниот скандал во 68-та минута кога првата ѕвезда на тимот, Нејмар, беше принудно и погрешно заменет поради несфатлива и аматерска грешка на четвртиот судија.
Целиот инцидент има дополнителна, огромна тежина бидејќи се случува на само еден ден пред селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, да го објави официјалниот список на патници за Светското првенство ова лето. За Нејмар, ова беше последна шанса на домашен терен да ги покаже своите квалитети и да избори место во националниот тим.
Brazilian football just produced one of the craziest moments ever 😭🇧🇷
— MC (@CrewsMat10) May 17, 2026
The fourth official mistakenly subbed Neymar off, and even after Ney showed the substitution paper to the cameras, they still didn’t allow him back on.pic.twitter.com/NZwJE0d9sq
Бизарна хронологија: Како судиите комплетно се изгубија?
Конфузијата започна во средината на второто полувреме кога 34-годишниот Нејмар привремено излезе надвор од границите на теренот за да добие медицинска помош поради иритација на листот. Во тие моменти, стручниот штаб на Сантос подготвуваше измена – во игра требаше да влезе Робињо Јуниор, но на местото на дефанзивецот Гонзало Ескобар (број 31).
Que loucura! Neymar acaba substituído após o quarto árbitro errar a placa. O camisa 10 mostrou o papel de substituição com o número correto, que seria de Escobar, camisa 31. #Brasileirão pic.twitter.com/j6DUXh3pWf
— ge (@geglobo) May 17, 2026
Четвртиот судија комплетно ја погреши процедурата. Гледајќи го Нејмар покрај аут-линијата, тој на семафорот го подигна бројот 10. Робињо Јуниор експресно стапна на тревникот како замена за Нејмар додека напаѓачот сè уште примаше третман, со што измената стана официјална и неповратна.
Кога сфати што се случува, Нејмар комплетно збесна. Тој се обиде веднаш да се врати на теренот, но судиите го спречија и му покажаа жолт картон бидејќи измената веќе беше процесирана во системот. Во тотален револт, Нејмар му го грабна официјалниот хартиен лист за измени на судијата и демонстративно го покажа пред телевизиската камера, јасно покажувајќи му на целиот свет дека на формуларот стои бројот 31 на Ескобар, а не неговата „десетка“.
По неколкуминутна жестока расправија, револтираниот Нејмар мораше да го напушти теренот, предавајќи му ја капитенската лента токму на Ескобар, кој по грешка остана во игра.
Сантос со официјално соопштение: Необјаснива и некоригирана грешка!
Веднаш по натпреварот, раководството на Сантос излезе со остра реакција на социјалните мрежи, барајќи одговорност за аматерското делење на правдата.
„Четвртиот судија комплетно ја згреши измената. Ова беше јасно потврдено од телевизиските снимки, како и од официјалната белешка која клубот ја предаде до судиите пред самата измена. Станува збор за необјаснива грешка која судиите одбија да ја коригираат на теренот“, се вели во соопштението на Сантос.
Нејмар, кој е најдобар стрелец во историјата на бразилската репрезентација со 79 голови, нема настапувано за „кариоките“ уште од 2023 година поради серија тешки повреди. Тој го продолжи договорот со Сантос до крајот на 2026 година со единствена цел – да биде максимално подготвен за претстојниот Мундијал во САД, Мексико и Канада. Дали оваа судиска небулоза и прераното напуштање на теренот ќе му ги попречат плановите кај Анчелоти, ќе дознаеме веќе утре.



