Руни: „Салах е себичен, Слот не смее ни да го пушти на стадионот за прошталаниот меч!“

 

Објавено:

Иконата на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, упати жестоки критики на сметка на Мохамед Салах, барајќи од менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, целосно да го пречкрта Египќанецот од тимот за последниот натпревар од сезоната против Брентфорд на „Енфилд“.

Тензијата експлодираше по поразот на Ливерпул од Астон Вила (4-2), кој сериозно го загрози нивниот пласман во Лигата на шампионите. Салах веднаш по мечот се огласи на социјалните мрежи со порака дека клубот мора да се врати на препознатливиот „хеви-метал напаѓачки фудбал од кој противниците стравуваат“, додавајќи дека тој идентитет не смее да биде предмет на преговори. Јавноста и медиумите на Островот ова веднаш го протолкуваа како директен и отворен напад врз тактиката на Арне Слот.

„Тој фрли бомба во соблекувалната и си заминува“

Руни, гостувајќи во своето официјално шоу на „ББС“, изјави дека е тажно што една ваква ера завршува во војна, но потенцираше дека Салах постапил исклучително себично и јавно го понижил својот тренер за да се оправда за сопствената очајна форма.

„Навистина е тажно ова што се случува по сè што Салах направи и постигна во Ливерпул. Но, целосно е погрешно повторно јавно да упатува отровни стрели кон Арне Слот. Тој вели дека сака хеви-метал фудбал, што во превод значи дека го бара фудбалот на Јирген Клоп. Но, реалноста е дека Мо Салах веќе физички не може да го издржи тоа високо темпо и интензитет, нозете повеќе не го слушаат. Со оваа изјава тој само фрли бомба во соблекувалната, покажувајќи дека нема верба во менаџерот, а тој товар им го остави на соиграчите кои треба да останат тука и следната сезона“, изјави Руни.

Поранешниот англиски напаѓач направи и интересна паралела со сопствената кариера и деновите поминати под палката на Сер Алекс Фергусон.

„Доколку јас бев на местото на Арне Слот, Салах во недела немаше да биде ниту блиску до стадионот. Јас поминав низ слична ситуација со Алекс Фергусон. Имавме недоразбирање и кавга, и на неговиот последен натпревар на Олд Трафорд, тој воопшто не ме вклучи во составот токму поради таа причина. Менаџерот едноставно мора да покаже авторитет. Не можеш двапати јавно да покажеш непочит кон предводникот на тимот и да поминеш неказнето. Салах точно знае што прави. Тој сака да се испере пред фановите бидејќи зад себе има очајна сезона со само 12 голови на 40 меча, што е премалку за неговите стандарди“, додаде Руни.

Некои фудбалери на Ливерпул ги „спуштиле копачките“?

Лошата одбрана на титулата сезонава донесе огромен притисок врз Арне Слот, кој по минатогодишниот шампионски трон, сега се соочува со сериозен револт кај навивачите на „Енфилд“. Руни признава дека е во дилема околу иднината на холандскиот стратег, но забележува сериозен проблем кај дел од играчите.

„Кога одиш на Енфилд, првата цел ти е да ја замолчиш публиката. Но, со овој пасивен фудбал без пресинг, Ливерпул самиот ги замолчува и ги фрустрира своите навивачи. Навистина не ми е пријатно да го кажам ова, но некои фудбалери на теренот изгледаат како веќе да ги спуштиле копачките и да одбиваат да играат за менаџерот, а тоа е најголемиот можен проблем за еден клуб“, заврши поранешниот голгетер.

Мохамед Салах веќе во март потврди дека ова му е последна сезона во Ливерпул, ставајќи крај на неговиот деветгодишен престој во кој постигна 257 голови и освои шест големи трофеи. Сепак, наместо спектакуларно капитенско збогување со „копот“, Салах е на чекор да го напушти Мерсисајд преку задната врата во тотален конфликт со клубот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено