Денес фокусот го ставаме на една вест која вечерва одекна како гром од ведро небо на Островот. Британскиот таблоид „The Sun“ (повикувајќи се на информации од „The Mail“) лансираше вистинска бомба тврдејќи дека Пеп Гвардиола го напушта Манчестер Сити на крајот од оваа сезона.
Се разбира, имајќи предвид дека изворот е „The Sun“, оваа информација ја земаме со огромна доза на резерва. Сепак, каде што има чад, често има и оган, па доколку овие шпекулации се покажат како точни, тоа дефинитивно ќе означи крај на една од најдоминантните ери во историјата на англискиот фудбал.
BREAKING: Pep Guardiola ‘to leave Man City’ https://t.co/rkkIncUNwS
— Sun Sport (@SunSport) May 18, 2026
Збогување веќе оваа недела?
Според наводите во британските медиуми, Шпанецот планира да се повлече по последниот првенствен натпревар против Астон Вила во недела. Изворите тврдат дека раководството на Сити веќе почнало да ги известува своите главни спонзори за претстојната објава.
Дури се шпекулира дека клубот веќе подготвува голема парада со отворен автобус низ улиците на Манчестер во понеделник, со цел достојно да се прослават сите достигнувања на нивниот стратег во изминатата деценија.
Деценија на апсолутна доминација
Откако во 2016 година го наследи Мануел Пелегрини на клупата на „Етихад“, Гвардиола го трансформираше Сити во вистинска фудбалска машинерија. Зад неговото име стојат 6 титули во Премиерлигата, 3 ФА Купови, 5 трофеи во Лига Купот и, секако, круната на неговиот престој, освојувањето на Лигата на шампионите како дел од славната „триплета“ во сезоната 2022/23.
Трка со Арсенал и поглед кон можните наследници
Оваа гласина доаѓа во исклучително деликатен момент за „Граѓаните“. Тимот води исцрпувачка битка за титулата и моментално заостанува два бода зад Арсенал на две кола до крајот. Сити мора да ги победи Борнмут и Астон Вила, но истовремено да се надева на кикс на „Топчиите“ (против Барнли или Кристал Палас) за Пеп да се збогува со седма лигашка круна.
Доколку разделбата навистина се случи, медиумите веќе почнаа со лицитација за неговиот наследник. Како главни фаворити се споменуваат поранешниот асистент на Пеп, Енцо Мареска, но и легендарниот поранешен капитен на Сити, Винсент Компани.
Дали ова е само класична таблоидна конструкција, или навистина сведочиме на последните денови на Пеп Гвардиола во Англија? Ќе дознаеме многу наскоро.



