Откако синоќа Карло Анчелоти ја фрли нацијата во транс со враќањето на Нејмар, време е за подлабока тактичка анализа на списокот од 26 избраници кои ќе ја нападнат шесттата светска круна. Италијанскиот стратег отворено призна дека изборот бил пеколно тежок поради огромната конкуренција, но кога ќе се погледне под површината, овој Бразил има две потполно различни лица – застрашувачки напаѓачки потенцијал и сериозни дефанзивни дефицити кои можат скапо да ги чинат.
Еве ги клучните поенти, изненадувања и отворени проблеми кои Анчелоти ќе мора експресно да ги решава пред почетокот на Мундијалот:
Најголемите шокови: Пречкртан играч на Челси и „џокер“ од Борнмут
Најзвучното име кое го пропушта Светското првенство дефинитивно е Жоао Педро. 24-годишниот офанзивец на Челси беше редовен во комбинациите на Анчелоти во изминатата година, а стручниот штаб ја ценеше неговата разновидност и можност да се прилагоди на повеќе позиции. Сепак, Педро ја плати цената на очајната клупска форма во финишот на сезоната. Заедно со него, надвор од комбинација останаа и Ришарлисон и Андреј Сантос.

Од друга страна, најпријатното изненадување на списокот е 19-годишниот тинејџер од Борнмут, Рајан. До пред шест месеци никој во Бразил не сметаше на него, но неговата експлозија по јануарскиот трансфер од Васко де Гама во Премиер лигата го натера Анчелоти да му врачи мундијалска виза.
Друштво во нападот ќе му прават и младите Игор Тијаго (Брентфорд) и Ендрик (Лион), кои ги задоволија вкусовите на последните пријателски мечеви. Ова првенство е спас и за Лукас Пакета, кој успеа да го задржи местото и покрај тоа што сериозно падна во втор план изминатава година.
O MISTER DEU O PAPO! 🫵
— brasil (@CBF_Futebol) May 19, 2026
Queremos ser o time mais resiliente do MUNDO.
Com foco, disciplina e a união de toda uma nação, nos preparamos para mais um ciclo histórico.
BATE NO PEITO, ISSO É BRASIL! 💚💛 pic.twitter.com/JvE2LcdAC5
Медицински билтен: Скршено десно крило
Анчелоти ќе мора сериозно да ја редизајнира офанзивната линија поради неколку кардинални повреди. Најтешкиот удар е отсуството на Родриго од Реал Мадрид, кој ги скина предните вкрстени лигаменти. Неговиот клупски колега Едер Милитао исто така отпадна поради хроничен проблем со коленото, со што пропадна планот тој да покрива како десен бек.
Како капа на сè, младиот Естевао не успеа навреме да ја санира повредата на задната ложа заработена во април за Челси. Со оглед на тоа што тинејџерот беше проектиран како прв избор на десната крилна позиција, Бразил сега ќе мора да бара алтернативни тактички решенија.
Главниот проблем: Каде се бековите од светска класа?
Ако нападот со Винисиус, Рафиња, Нејмар и Ендрик изгледа како од видео-игра, бековските позиции на Бразил се благо кажано – загрижувачки. Ова е долгогодишна рана на „селесао“ која Анчелоти не успеа да ја затвори.
На левата страна, најверојатно ќе стартува Даглас Сантос од Зенит, а негова алтернатива е ветеранот Алекс Сандро. Солидно, но далеку од некогашните стандарди на Роберто Карлос или Марсело.
На десната страна, ситуацијата е уште поалармантна. Опциите се ултра-офанзивниот, но дефанзивно ранлив Весли (Рома), Рожер Ибањез (кој е класичен стопер во Ал Ахли) и искусниот Данило, кој патем не е ниту прв избор во својот Фламенго.
CONVOCADOS! 🫵
— brasil (@CBF_Futebol) May 18, 2026
VAMOS FAZER HISTÓRIA JUNTOS! 💛💚#BateNoPeito
ISSO É BRASIL! pic.twitter.com/EFaOm1oIeT
Генерални проби пред Мароко
Бразилската експедиција се собира на 27 мај, а пред почетокот на турнирот ќе одигра два пријателски натпревари. Првата контрола е закажана за 31 мај против Панама на култната „Маракана“ во Рио, а последната генерална проба пред патувањето во САД ќе биде против Египет на 6 јуни во Кливленд. Точно една недела подоцна, на 13 јуни во Њујорк, Бразил го отвора Мундијалот против незгодниот Мароко.



