Серијалот на Спортска Станица посветен на 16-те стадиони домаќини на претстојното Светско првенство во Северна Америка нè води во Тексас. Во градот каде што стигнувањето до ѕвездите е начин на живот и каде што е сместен вселенскиот центар на НАСА, спортската еуфорија е подготвена да го допре плафонот. Фудбалскиот крем се сели на еден од најмодерните и технолошки најнапредните објекти во САД, кој за време на Мундијалот ќе го носи официјалното име – „Хјустон стадион“.
Еве ги сите клучни детали, специфики, тактички предизвици и распоредот на натпревари за овој импозантен тексашки колос.
Изграден во 2002 година со тогаш астрономски 352 милиони долари, овој објект влезе во спортските анали како првиот во НФЛ кој имаше подвижен покрив. Неговата архитектура со децении се сметаше за иновација пред своето време, а благодарение на стрмните трибини кои вообичаено собираат околу 72.000 навивачи (а оделе и над 80.000 за време на концерти), секој гледач има перфектна прегледност на теренот, дури и од највисоките секции. За потребите на Светското првенство, ФИФА наложи отстранување на неколку реда седишта, па така капацитетот ќе биде позициониран на чисти 70.000 места. Според строгите правила на ФИФА против комерцијални спонзорства, објектот привремено го губи името на енергетскиот гигант „НРГ“.
Битка со тексашкиот пекол и милионска операција за природна трева
Најголемата приказна зад сцената во Хјустон е всушност битката со логистиката и природата. Бидејќи стадионот стандардно користи вештачка подлога, организаторите веќе во овој период (мај) започнуваат со комплексен процес за инсталирање на вистинска, природна трева. ФИФА бара подлогата да биде совршено вкоренета и подготвена најдоцна 20 дена пред првиот натпревар, што бара деноноќна грижа со специјални системи за наводнување и вештачко осветлување.
Втората и уште поважна причина зошто овој стадион е вистинско инженерско чудо е тексашкото лето. Во јуни и јули, Хјустон се претвора во печка каде температурите редовно го надминуваат 35-от степен, проследени со екстремна влажност и непредвидливи поројни дождови. Токму затоа, организаторите донесоа одлука подвижниот покрив да биде константно затворен во текот на целиот турнир. Моќните климатизациски системи ќе создадат совршен термален комфор внатре, додека надвор буквално сè ќе гори. Оваа „козметика“ и целосното покривање на комерцијалните спонзори на покривот по барање на ФИФА ќе ги чини домаќините дополнителни 1 милион долари.
Од историјата на Том Брејди, до португалскиот десант во Тексас
Тексашкиот стадион има брутална спортска историја зад себе. Тука се одиграа две Супербол финалиња, вклучувајќи го и она митско лудило во 2017 година кога Том Брејди и Патриотс се вратија од бездната против Атланта Фалконс за историски триумф во продолжението. Но, фудбалот веќе одамна пушти корени на овој терен. Минатата година, пред исполнети трибини, токму тука Мексико го совлада САД во финалето на Златниот куп со 2:1, најавувајќи ја страста на локалната публика.
Претстојново лето, овој стадион ќе биде центарот на светот за навивачите на Португалија. Распоредот донесе нестварна комбинација, па така Кристијано Роналдо на својот шестти Мундијал ќе одигра дури два натпревари на овој терен во рамките на групната фаза.
Хјустон исто така ќе биде домаќин на велесилите Германија и Холандија, пред да ги пречека елиминациските битки во рундата на 32 и осминафиналето. За навивачите кои нема да имаат билет, Хјустон подготвува огромен едномесечен фан-фестивал во центарот на градот, со жива музика, мултикултурна храна и забава која ќе ја заокружи оваа тексашка мундијалска разгледница.
Комплетниот распоред на натпревари во Хјустон:
- 14 јуни: Германија – Курасао (Група Е)
- 17 јуни: Португалија – ДР Конго (Група К)
- 20 јуни: Холандија – Шведска (Група Ф)
- 23 јуни: Португалија – Узбекистан (Група К)
- 26 јуни: Зелено’ртски Острови – Саудиска Арабија (Група Х)
- 29 јуни: Натпревар од 1/16-финале
- 4 јули: Натпревар од 1/8-финале
Прочитајте повеќе и за другите стадиони од нашиот серијал:



