Серијалот на Спортска Станица продолжува со претставување на култните арени за Светското првенство во 2026 година. Патуваме во срцето на Америка, во Мисури, каде што се наоѓа „Arrowhead“, стадион кој не нуди луксузни базени или подвижни покриви, но поседува нешто што не се купува со пари: децибели кои ги плашат противниците.
Тврдината на бучавата
Додека модерните НФЛ стадиони се тркаат во луксуз и футуристички дизајн, стадионот во Канзас Сити останува верен на старата школа. Ова е вистинска спортска „катедрала“ која најмногу потсетува на жешката атмосфера од европските или јужноамериканските стадиони.
Овој објект го држи официјалниот светски рекорд за најгласна публика на спортски настан на отворено. Во септември 2014 година, на натпревар против Њу Ингланд Патриотс, бучавата достигна неверојатни 142,2 децибели – ниво на звук што е погласно од полетување на млазен авион. Токму таа енергија го прави овој стадион еден од најтешките терени за гостување во светот.
Како ќе се вика и кој е сопственикот?
Официјалното име на стадионот е „GEHA Field at Arrowhead Stadium“, но за време на Мундијалот, поради рестрикциите на ФИФА за комерцијални имиња, тој ќе биде заведен под едноставното име „Kansas City Stadium“.
Изграден во почетокот на 70-тите години за „само“ 43 милиони долари (што денес би вредело околу 370 милиони), тој е најстариот меѓу 11-те американски домаќини на овој Мундијал. Стадионот е дом на актуелните НФЛ шампиони, Канзас Сити Чифс, а во неговата историја е запишано дека беше првиот објект кој беше домаќин на пет последователни конференциски финалиња во американскиот фудбал.
Прилагодување за фудбал: Поширок терен и „хибридна“ трева
Иако стадионот вообичаено користи природна „Бермуда“ трева, за потребите на Светското првенство ќе биде инсталирана специјална хибридна природна трева според стандардите на ФИФА.
Најголемиот предизвик беше ширината на теренот. Фудбалското игралиште е пошироко од она за американски фудбал, па работниците мораа да отстранат бетонски делови и околу 3.000 седишта од долните редови за да направат простор. Поради специфичната структура на тунелите на јужната трибина, теренот ќе биде поставен малку „надвор од центарот“ во однос на трибините, што ќе изгледа необично на ТВ екраните, но нема да влијае на самата игра.
Капацитет и искуство за навивачите
За време на Мундијалот, капацитетот ќе биде намален од вообичаените 73.000 на 67.513 седишта поради проширувањето на теренот и просторот за медиумските екипи.
Навивачите треба да се подготват за пеколно лето. Канзас Сити во јуни и јули често бележи температури над 32°C, а стадионот нема покрив ниту сенка. Токму затоа, ФИФА ги закажа сите натпревари во вечерните термини по 18:00 часот по локално време. Што се однесува до храната, Канзас Сити е светска престолнина на скарата (BBQ), па навивачите можат да очекуваат врвна локална кујна на самиот стадион.

Логистика и превоз
Превозот е најслабата точка на овој стадион. Јавниот транспорт е речиси непостоечки, а од вообичаените 20.000 паркинг места, само 4.000 ќе бидат достапни за навивачите поради безбедносните зони на ФИФА. Организаторите ќе обезбедат стотици специјални автобуси („park-and-ride“) кои ќе сообраќаат од центарот на градот до стадионот.
Ова првенство веројатно ќе биде последното големо поглавје за овој стадион, бидејќи Чифс веќе најавија преселба во нов, модерен затворен објект по 2031 година.
Распоред на натпревари во Канзас Сити: Канзас Сити Стадион ќе биде домаќин на шест натпревари, вклучувајќи и еден четвртфинален дуел:
- 16 јуни: Аргентина против Алжир (Група Ј)
- 20 јуни: Еквадор против Курасао (Група Е)
- 25 јуни: Тунис против Холандија (Група Ф)
- 27 јуни: Алжир против Австрија (Група Ј)
- 3 јули: Шеснаесетфинале
- 11 јули: Четврт-финале



