Наполи ја активираше клаузулата со влезот во ЛШ и го откупи Хојлунд од Јунајтед!

 

Објавено:

Приказната на Расмус Хојлунд на „Олд Трафорд“ и официјално доживеа свој дефинитивен крај. Данскиот репрезентативец од претстојното лето ќе стане постојан фудбалер на Наполи, откако калчолигашот викендов и математички го завери пласманот во Лигата на шампионите за следната сезона, со што автоматски се активираше откупната клаузула во неговиот договор.

Наполи на Антонио Конте славеше со сигурни 3:0 против Пиза и на едно коло пред крајот на Серија А обезбеди недостижна предност од пет бода пред петтопласираниот Комо. Токму Хојлунд беше еден од хероите на мечот – прво асистираше до уште еден поранешен играч на Јунајтед, Скот Мектоминеј за водечкиот гол, а потоа во судиското продолжение самиот ги постави конечните 3:0. Овој триумф значеше и активирање на перманентниот трансфер вреден 44 милиони евра.

Емотивно збогување: Ова беше мојот детски сон

Веднаш по натпреварот, 23-годишниот напаѓач се огласи на социјалните мрежи со емотивна порака преку која јавно им се заблагодари на навивачите на Наполи што му ја вратија самодовербата, но и упати последно збогум до својот матичен клуб.

„Овој гол за мене имаше симболично значење. Обезбедивме ЛШ, а тоа значи дека поради мојот договор јас официјално сум играч на Наполи и му велам збогум на Манчестер Јунајтед. Чудно е, бидејќи изминатава година веќе се чувствував како дома тука. Навивачите на Наполи направија повторно да си ја најдам самодовербата. Од друга страна, емотивно е да се збогувам со Манчестер. Мојот детски сон се оствари кога заиграв на ’Олд Трафорд’ во црвениот дрес“, напиша Хојлунд на Инстаграм.

Јунајтед во голем финансиски минус

Хојлунд пристигна во Манчестер Јунајтед во 2023 година од Аталанта за нестварни 75 милиони евра (плус 10 милиони во бонуси), но минатата сезона комплетно потфрли постигнувајќи само 4 гола во Премиер лигата. По доаѓањето на Бенјамин Шешко, Матеус Куња и Брајан Мбеумо, Данцеот падна во втор план и беше испратен на позајмица под Везув.

Трансферот од 44 милиони евра значи дека Манчестер Јунајтед претрпе сериозна финансиска загуба во однос на парите што ги вложи во него, но сумата е доволна за клубот да го покрие сметководствениот баланс. Под палката на Конте, Хојлунд ја оживеа кариерата – постигна 15 гола на 43 натпревари, максимално искористувајќи ги тешките повреди на Ромелу Лукаку кој речиси и да не заигра сезонава. Хојлунд го доби тоа што го бараше: средина и тренер кои веруваат во него, а Јунајтед сега ќе мора да бара искусна алтернатива на пазарот за поддршка на Шешко.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено