Англиската Премиерлига отсекогаш била синоним за драма до последната секунда, но оваа сезона работите стануваат уште полуди. На едно коло до крајот, покрај битката за титулата, се отвора едно неверојатно, но сосема реално сценарио, екипата која ќе заврши на 6-то место на табелата може да игра во елитната Лига на шампиони следната сезона!
Главен „виновник“ за оваа математичка лудница е Астон Вила. Вечерва, избраниците на Унаи Емери го освоија трофејот во Лига Европа, разбивајќи го Фрајбург со 3-0.
Токму овој триумф во Истанбул ги отвори вратите за комплицираните, но фасцинантни правила на УЕФА. Еве едноставно објаснување како Борнмут (кој моментално е шести) може да заврши меѓу европската елита.
Како функционира новиот систем на УЕФА (EPS)?
Оваа сезона, УЕФА воведе таканаречени „European Performance Spots“ (EPS). Тоа се дополнителни места во Лигата на шампионите кои им се доделуваат на двете најуспешни лиги во Европа. Премиерлигата го обезбеди едното место, што значи дека Англија сигурно ќе има 5 претставници во ЛШ (првите четири екипи на табелата + петтопласираниот кој го добива бонус EPS местото).
Но, што се случува кога освојувачот на Лига Европа (Астон Вила) доаѓа токму од таа лига?
Сценариото кое го носи Борнмут во ЛШ
Победникот во Лига Европа добива автоматски пласман во Лигата на шампионите. Затоа, клучот за 6-то место лежи во тоа на која позиција ќе заврши Астон Вила по последното коло во недела (24 мај 2026).
Ако Астон Вила остане 4-та: Тие одат во ЛШ преку лигата. Петтопласираниот (Ливерпул) го добива бонус EPS местото. Борнмут како 6-ти оди во Лига Европа.
АКО АСТОН ВИЛА ПАДНЕ НА 5-ТО МЕСТО: Ова е златното сценарио! За ова да се случи, Астон Вила (62 бода) треба да загуби на гостувањето кај Манчестер Сити, а Ливерпул (59 бода) да го победи Брентфорд и да ја престигне Вила на табелата.
Доколку Астон Вила заврши 5-та, тие влегуваат во Лигата на шампионите како освојувачи на Лига Европа. Според правилата на УЕФА, местото во Лига Европа кое вообичаено му следува на 5-то пласираниот се поништува. Бидејќи тимовите од 1-во до 5-то место веќе се во ЛШ, бонус EPS местото мора да се префрли на следната највисоко пласирана екипа, а тоа е 6-то место!
Што му треба на Борнмут?
За „Црешите“ да ја искористат оваа историска шанса, тие мора да го одбранат 6-то место од единствениот преостанат ривал – Брајтон. (Челси и Брентфорд со 52 бода веќе и математички ги загубија шансите да го стигнат Борнмут кој има 56). Борнмут игра на гости кај Нотингем Форест. Доколку избегнат пораз, го заверуваат 6-то место. Но, доколку загубат, а Брајтон го победи Манчестер Јунајтед, Брајтон (со 56 бодови) ќе го преземе 6-то место благодарение на далеку подобрата гол-разлика (+9 наспроти +4 на Борнмут).
И за крај, англиските аналитичари пресметаа уште едно лудо, „холивудско сценарио“ кое правилата на Премиерлигата го дозволуваат: Доколку Ливерпул загуби од Брентфорд точно со 1-0, а Борнмут го декласира Форест точно со 5-0, двата тима ќе бидат комплетно израмнети! Ќе имаат по 59 бодови, иста гол-разлика, ист број постигнати голови и апсолутно идентичен меѓусебен скор (по една победа и по два дадени гола на гости). Според пропозициите, ова би довело до историски плеј-оф натпревар на неутрален терен меѓу Ливерпул и Борнмут за пласман во ЛШ!
Едно е сигурно – недела од 17:00 часот нè очекува вистински фудбалски земјотрес во Англија.




