Чекањето долго повеќе од две децении заврши. Навивачите на Арсенал конечно го дочекаа моментот да го видат престижниот пехар на Премиер лигата украсен со црвено-бели ленти. По официјалното заверување на титулата за сезоната 2025/26, јавноста доби ексклузивна можност за првпат да погледне како изгледа трофејот што наскоро ќе се најде во витрините на клубот од Северен Лондон.
Бидејќи „топчиите“ ја запечатија титулата по нивниот последен домашен натпревар против Барнли и ремито на Сити, официјалното доделување на пехарот и на медалите ќе се случи в недела на стадионот „Селхерст Парк“, веднаш по завршувањето на дуелот од последното коло против Кристал Палас.
Тежок 25 килограми и со скриена симболика: Што претставуваат лавовите?
Самиот трофеј е вистинско ремек-дело со импресивни димензии. Тој е висок 104 сантиметри, широк 61 сантиметар, а неговата вкупна тежина изнесува точно 25,4 килограми. Најголемиот дел од оваа тежина отпаѓа на масивната база (15,9 килограми) на која традиционално се гравираат имињата на сите досегашни шампиони.
Дизајнот на пехарот е инспириран од историската тема за „Трите лава на англискиот фудбал“. Два лава се јасно видливи на рачките од двете страни на трофејот. Третиот лав, пак, според симболиката, станува капитенот на шампионскиот тим во моментот кога со рацете ќе го подигне пехарот и златната круна над својата глава за време на големото славење.
Premier League trophy update x ASMR 😌✍️ pic.twitter.com/k92X6jbOuU
— Premier League (@premierleague) May 22, 2025
Медали, милионски премии и престижниот златен амблем
Покрај главниот пехар, за тимот на Микел Артета се подготвени уште неко неколку вредни награди:
- 40 сребрени медали: Клубот добива точно 40 комеморативни медали со дијаметар од 5,7 сантиметри. Според строгите правила на Премиер лигата, медал мора да добие секој фудбалер кој одиграл минимум пет првенствени натпревари оваа сезона, а остатокот се распределува меѓу менаџерот, стручниот штаб и функционерите.

- Финансиска награда: Иако во Премиер лигата не постои фиксен паричен фонд како награда само за првото место, шампионот добива најголем дел од колачот од ТВ-правата. Арсенал ќе ја инкасира максималната сума според надолната скала (минатата сезона Ливерпул како првак заработи 53,1 милион фунти само од оваа позиција).
- Златен шампионски амблем: Почнувајќи од следната сезона, фудбалерите на Арсенал на десниот ракав од своите дресови ќе го носат ексклузивниот златен амблем на Премиер лигата, кој е резервиран само за бранителот на тронот. Ова ќе биде првпат во клупската историја „топчиите“ да ја имаат оваа чест, а навивачите веќе можат да го нарачаат новиот дрес со овој додаток во официјалниот фан-шоп.
Going gold 😍
— Arsenal (@Arsenal) May 20, 2026
Get yourself down to The Armoury or shop our Champions Collection on Arsenal Direct 🏆
Со освојувањето на првото место, Арсенал веќе обезбеди и директно учество во Лигата на шампионите за следната кампања, а воедно си закажа и спектакуларен дуел против Манчестер Сити во рамките на Комјунити Шилд (Community Shield), кој ќе се одигра на 16 август во Кардиф како најава за новата фудбалска сезона.



