Водич низ мундијалските стадиони: Сан Франциско -дигиталната тврдина на Западниот брег

 

Објавено:

Светското првенство во 2026 година ќе донесе фудбалски спектакли на некои од најмодерните спортски арени на планетата, а една од клучните точки на Западниот брег во САД ќе биде домот на НФЛ тимот Сан Франциско 49ерс. Иако првата асоцијација за овој дел од Калифорнија се мостот „Golden Gate“ и стрмните крајбрежни улици, за време на Мундијалот во центарот на вниманието ќе биде овој импресивен технолошки центар, кој од американски фудбал целосно се трансформира за потребите на најголемиот фудбалски турнир.

Привремено име и рекордно брза градба

Стадионот е сместен на околу 40 милји (64 километри) јужно од Сан Франциско, во градот Санта Клара, во самото срце на Силиконската долина. Во секојдневниот спортски календар објектот е познат како „Левис Стадион“ (Levi’s Stadium), преку долгогодишното партнерство со култниот американски бренд за облека. Сепак, за време на Светското првенство, објектот официјално ќе го носи името „Сан Франциско Беј Ерија Стадион“ (San Francisco Bay Area Stadium), бидејќи строгите правила на ФИФА забрануваат користење комерцијални имиња за време на првенството (со единствен исклучок на стадионот „Мерцедес-Бенц“ во Атланта).

Ова е еден од најбрзо изградените стадиони во историјата на НФЛ лигата. Градежните работи започнаа во 2012 година, а објектот официјално беше отворен во јули 2014 година. Првичната изградба чинеше околу 1,3 милијарди долари, а за да биде комплетно подготвен за мундијалските стандарди, во изминатите две години помина низ дополнителна модерна реконструкција вредна 200 милиони долари.

Од отворање со фудбал до „Супербоул“ финалиња

Иако е примарно изграден за американски фудбал, интересна коинциденција е што првиот настан во историјата на овој стадион беше токму класичен фудбалски натпревар помеѓу Сан Хозе Ертквејкс и Сиетл Саундерс на 2 август 2014 година.

Арената веќе зад себе има богато престижно портфолио. Тука се одиграа две големи НФЛ финалиња – „Супербоул 50“ и неодамнешниот „Супербоул LX“ во февруари оваа 2026 година, каде Сиетл Сихокс ги совладаа Њу Ингланд Патриотс. Навивачите на 49ерс особено го паметат големиот камбек и победата над Детроит Лајонс во финалето на конференцијата во 2023 година.

Проширување на теренот, природна трева и 4К екрани

Стандардниот капацитет на стадионот изнесува 68.500 седишта, но рекордот го држи концертот на Ед Ширан во 2023 година со 78.881 гледач. Во рамките на класичниот фудбал, натпреварот од Копа Америка во 2016 година меѓу Мексико и Чиле привлече 70.547 фанови, а за време на Светското првенство се очекува трибините да бидат исполнети со околу 71.000 гледачи на секој натпревар.

Како дел од последното големо реновирање, беа извршени клучни структурни измени на објектот за да се задоволат строгите градежни и фудбалски правила на ФИФА. Најважниот зафат беше проширувањето на самиот терен за да ги добие потребните меѓународни димензии, што беше решено со инсталирање специјални модуларни седишта во аглите на долниот дел од трибините кои можат да се поместуваат по потреба. Веднаш по ова, сериозен акцент беше ставен и на самата подлога од природна трева, каде што целосно се усовршени и модернизирани системите за дренажа, иригација и вентилација за теренот да издржи шест големи натпревари во кус временски период.

Покрај овие задолжителни фудбалски норми наметнати од светската куќа на фудбалот, домаќините се погрижија и за свој препознатлив американски печат. Стадионот доби најголем 4К дисплеј во целата НФЛ лига, благодарение на новите видео-бимови на двата краја од арената кои се за дури 71 процент поголеми од претходните и покриваат нестварна површина од 13.000 квадратни стапки. За комплетирање на овој спектакл, инсталирано е и најмодерно ЛЕД осветлување на теренот за максимален визуелен ефект за време на ноќните натпревари.

Калифорниско сонце и економски гигант

Јуни во Санта Клара го означува почетокот на топлиот период во Калифорнија, со просечни температури околу средината на 20-тите степени Целзиусови. Деновите се долги, па затоа најголемиот дел од натпреварите се закажани во вечерните термини за да се избегнат најголемите горештини на трибините.

За целиот регион, овој стадион е огромен економски двигател, а во своите први десет години работа додаде дури 2 милијарди долари во локалната економија и создаде над 12.000 работни места, па Мундијалот носи нова шанса за раст.

Распоред на натпревари на стадионот:

На овој стадион ќе се одиграат вкупно шест натпревари од Мундијалот – пет во групната фаза и еден дуел од елиминациската рунда:

  • 13 јуни: Група Б, Катар – Швајцарија (12:00 часот по локално време)
  • 16 јуни: Група Ј, Австрија – Јордан (21:00 часот по локално време)
  • 19 јуни: Група Д, Турција – Парагвај (21:00 часот по локално време)
  • 22 јуни: Група Ј, Јордан – Алжир (20:00 часот по локално време)
  • 25 јуни: Група Д, Парагвај – Австралија (19:00 часет по локално време)
  • 1 јули: Шеснаесетфинале, Натпревар 81, Победникот од Групата Д (каде што се наоѓаат САД) ќе ги одмери силите против една од најдобрите третопласирани селекции од групите Б, Е, Ф, И или Ј

Прочитајте ги и другите делови од нашиот серијал за стадионите на Светското првенство:

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено