Она што со месеци тлееше како страв меѓу навивачите на синиот дел од Манчестер, а неколку часа пред клучниот натпревар во вторникот одекна како вистинска бомба, сега доби и официјална потврда. Пеп Гвардиола, човекот кој го редефинираше модерниот фудбал и комплетно ја промени ДНК-та на англиската игра, објави дека ова лето се повлекува од менаџерската позиција во Манчестер Сити. По десет години апсолутна доминација, Каталонецот ја затвора најуспешната ера во 132-годишната историја на клубот од „Етихад“.
Тој нема да го напушти фудбалското семејство на Сити целосно, бидејќи ќе преземе нова, стратешка улога како глобален амбасадор на „Сити Фудбал Груп“, каде ќе нуди технички совети и ќе работи на специфични проекти, но неговиот престој покрај аут-линијата завршува.
“What a time we have had together.” 🩵 pic.twitter.com/WpkFecBYT4
— Manchester City (@ManCity) May 22, 2026
„Ова е мојот град. Беше неверојатно забавно“
Во своето емотивно простување, Гвардиола не понуди некаква драматична причина за заминувањето, туку едноставно призна дека неговото време како предводник на овој тим природно дошло до својот крај. Низ искрено обраќање, тој ја покажа својата длабока поврзаност со работничката класа и културата на градот кој го присвои како свој.
„Не прашувајте ме за причините поради кои заминувам. Нема конкретна причина, но длабоко во себе знам дека е време. Ништо не е вечно, затоа што да беше, јас сè уште ќе бев тука. Но вечно ќе остане чувството, луѓето, спомените и љубовта што ја имам кон мојот Манчестер Сити. Ова е град изграден од труд и пот. Го гледате тоа во бојата на тулите, во фабриките, во луѓето кои доаѓале рано на работа и останувале доцна. Ние работевме, страдавме, се боревме и ги правевме работите на наш начин. Ова е моето место. Имавме неверојатно е***** забавно време. Ве сакам сите“, порача Гвардиола, потсетувајќи на моментите кога градот покажа заедништво по терористичкиот напад во арената и поддршката што ја доби по смртта на неговата мајка за време на пандемијата.
Бројки кои граничат со невозможното
Наследството што Гвардиола го остава зад себе е тешко да се врами во обична статистика, бидејќи неговото влијание врз англискиот фудбал е далеку подлабоко од самите пехари. Сепак, витрините на „Етихад“ сведочат за 20 големи трофеи освоени во оваа златна декада, со што тој убедливо се позиционира како најуспешниот менаџер во историјата на клубот.
Под негова палка, Манчестер Сити освои шест титули во Премиер лигата, од кои историски и незапаметени четири по ред. Тој ја донесе долгоочекуваната круна во Лигата на шампионите како дел од епската Триплета во сезоната 2022/23, нешто што дотогаш се сметаше за „Свет грал“ на англискиот фудбал. На ова се надоврзуваат и три ФА Купа, пет Лига Купа, како и трофеите од Светското клупско првенство и УЕФА Суперкупот.
Гвардиола ги помести границите на совршенството уште во сезоната 2017/18, кога неговиот тим стана првиот во историјата што освоил 100 бода во Премиер лигата, уривајќи ги рекордите за најмногу постигнати голови (106) и најголема бодовна разлика пред второпласираниот. Оваа негова последна кампања ќе биде заокружена со уште два пехара, откако Сити веќе ги освои ФА Купот и Карабао Купот во сезоната на заминување.
В недела, против Астон Вила, Пеп Гвардиола по 593-ти и последен пат ќе го води Манчестер Сити, надминувајќи го рекордот на Лес Мекдауел како менаџер со најдолг стаж во клубот.
Тоа ќе биде емотивно попладне во Манчестер. Заминува тактичкиот генијалец кој ги натера сите останати клубови на Островот да се прилагодат на неговата игра и стандарди, човекот кој ја претвори убавината на поседот и напаѓачкиот фудбал во безмилосна машина за освојување трофеи. Ерата на Гвардиола завршува, но неговиот печат во фудбалската историја останува засекогаш.
Од името на сите вистински фудбалски фанови, ти благодариме Пеп!



