Само неколку часа по емотивната вест дека Пеп Гвардиола го напушта Манчестер Сити, раководството на клубот јавно го објави потегот со кој каталонскиот стратег засекогаш ќе остане врежан во темелите на стадионот. Новоизградената и проширена северна трибина на „Етихад“ во иднина официјално ќе го носи името „Трибина Пеп Гвардиола“ (The Pep Guardiola Stand). Одлуката, донесена лично од сопственикот Шеик Мансур, доаѓа како највисоко признание за неговиот историски децениски престој во Манчестер, а симболично, трибината ќе биде целосно отворена в недела, токму за неговиот последен натпревар против Астон Вила.
Енергија што ќе остане за навек во лошите моменти
Гвардиола призна дека останал без зборови кога ја примил веста од претседателот Халдун Ал Мубарак, потенцирајќи дека ова е една од најголемите почести во неговиот живот. За него, ова не е само градежен објект или обично име, туку симбол на духовната поврзаност со клубот што ќе продолжи да живее и по неговото физичко заминување од клупата.
„Останав без зборови. Навистина немам што да кажам. Сакам да верувам дека мојата енергија и визија ќе останат тука засекогаш. Во лошите моменти, кога некој ќе погледне кон таа трибина и ќе го види моето име, јас ќе ја испраќам мојата енергија до тимот и до клубот. Ова е неверојатна чест. Мојот татко в недела ќе биде на стадионот, тој има 94 години и доаѓа да го гледа натпреварот, па преголема гордост е за мене што неговото презиме ќе биде испишано таму“, изјави емотивниот Гвардиола.
Нов архитектонски гигант и статуа пред влезот
Проширувањето на оваа трибина, кое беше во фаза на развој уште од крајот на 2023 година, додава повеќе од 7.000 нови седишта, со што вкупниот капацитет на стадионот „Етихад“ за првпат ќе надмине 61.000 гледачи. Овој градежен проект претставува и главен столб на новиот мултифункционален забавен комплекс околу стадионот, кој вклучува хотел со 401 соба, нов модерен клупски музеј, деловен простор и голем број ресторани и барови.
За комплетно заокружување на клупското наследство на Гвардиола, Манчестер Сити потврди дека е нарачана и специјална статуа со неговиот лик, која ќе биде поставена на самиот пристап кон трибината, веднаш на крајот од патеката „Џо Мерсер“. Сопственикот на клубот, Шеик Мансур, нагласи дека Пеп стана олицетворение на највисоките амбиции на Сити и остави неизбришлива трага во ДНК-та на тимот, која повеќе се препознава по естетскиот начин на кој се победуваше, отколку по самите пехари.
Неделното попладне против Астон Вила веќе нема да биде обично последно коло во кое Пеп ќе го забележи својот рекорден 593-ти натпревар, туку историски спектакл на кој преполниот стадион ќе му се поклони на човекот кој го промени текот на англиската фудбалска историја.



